Димовски: ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од договорот, следниот период ќе се фокусираме на работи од полза на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од постигнатиот договор помеѓу политичките партии кој беше синоќа потпишан затоа што политичката криза е заавршена. Сите непријатни состојби во кои беа ставени граѓаните се зад нас и во следниот период ни останува да се занимаваме со нормални работи кои што ги интересираат граѓаните, а тоа се отворање на нови фабрики, нови работни места, изградба на автопати, изградба на друга потребна инфраструктура, истакна Илија Димовски во вестите на Kанал 5 кој беше директен учесник во преговорите.

-Премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се задоволни од овој договор бидејќи пред се успевме да ги обезбедиме оние избори кои претходно беа договорени за во април 2016 и на тој начин да ја вратиме демократијата кај народот и да им дозволиме на граѓаните да го кажат она што го мислат и што досега многупати го кажале. ВМРО-ДПМНЕ  е сериозна партија со сериозни програми, многу отчети зад себе и многу дела и ние знаеме дека граѓаните ќе дадат поддршка за нашата политика и во април 2016, рече Димовски.

Тој посочи дека и евроамбасадорот Јоханес Хан и амбасадорите на САД и ЕУ вложиле многу напори за да се спроведат изборите во април, но на моменти состојбата станувала напната.

- Од сега натаму обврската е на политичките партии, политичките лидери да го имплементираат договорот и да го искористиме овој позитивен момент Р. Македонија забрзано да чекори кон ЕУ и НАТО. Договорот веќе е и јавно достапен. Со договорот се обезбедуваат предвремени паралентарни избори на 24 април 2016, се обезбедува враќање на СДСМ во Собранието на Р.М, се обезбедува потполна функционалност на институциите, рече Димовски.

Додаде дека најбитно е дека целиот притисок што беше врз Македонија нема да постои, и Р.М ќе продолжи да се занимава со нормални работи.

По повлекувањето на премиерот Никола Груевски од функција Премиер на негово место нема да застане ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ кој во моментов обавува министерска, пратеничка или некоја друга значајна политичка функција, туку на негово место ќе застане лице кое не е на таква функција, истакна Димовски.

-Ова е системско решение кое што ќе влезе во македоснкото законодавство и ќе важи не само за овие избори, туку ќе важи за сите наредни парламентарни избори . Тоа значи дека доколку премиерот кој што бил премиер во претходниот мандат повторно се натпереварува и е претседател на партија, пред избори ќе треба да се повлече во рок од 100 дена. Партијата ќе си постапува врз база на статутарните одлуки да одлучи кој ќе биде тој човек кој што ќе ја ракводи Владата во тие 100 дена, но можам да потврдам дека ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ на министерска, пратеничка или значајна политичка функција која што сега ја обавува нема да биде тоа. Односно ќе биде лице кое што не обавува таква функција, рече Димовски. 

За премиерот Груевски, Димовски рече дека ќе биде претседател во изборниот приод и ќе биде целосно посветен на контактите со граѓаните, подготовката на партијата , програми, средби и ке ја однесе ВМРО-ДПМНЕ во една од најголемите победи досега.

 

 

Оцени ја веста

15.07.2015 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега