Договор за соработка меѓу Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Градската и универзитетска библиотека од Осиек
Денска беше потпишан договорот за соработка меѓу Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Градската и универзитетска библиотека од Осиек. Договорот го потпишаа директорите на двете установи Бранко Цветкоски и Дубравка Паѓен-Фаркаш.
Со истиот се предвидува размена на искуства од библиотечната област, помагање и унапредување на библиотечниот кадар, организирање заеднички презентации на македонската и на хрватската култура во двете средини, како и отворање библиотечни катчиња - македонско во Осиек и хрватско во Скопје.
- Договорот предвидува и други активности кои ќе ја унапредуваат нашата понатамошна соработка и со кои ќе ги зацврстиме старите врски. Македонците никогаш не може да и ги заборават на Хрватска помоштите кои траеја во минатиот систем, а и денеска, во новото демократско време, рече Цветкоски.
Директорката на осиечката библиотека, која постои од 1949 година, истакна дека соработката продолжува во оваа година со посета на делегација од скопската библиотека на Осиек. - Самиот договор има богата програма. Сите во Осиек се радуваме на македонското катче, каде што ќе ги угостиме писателите и литературата на македнски јазик, рече Паѓен-Фаркаш.
На потпишувањето на Договорот присуствуваше и хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ, инаку поранешен градоначалник на Осиек.
Историјата на македонската книжевност е поврзана со Хрватска зашто две важни дела-меѓници во нејзиниот развој се отпечатени токму таму - Зборникот на народни умотворби на браќата Миладиновци во 1861 во Загреб и стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин во 1939 во Самобор, во близина на Загреб.