Во петок првата група туристи од Холандија пристигнува во Охрид

 

Традиционално со лепче и сол и со торта в петок на охридскиот аеродром ќе биде дочекана првата тура холандски туристи.

Делегација на Амбасадата на Кралството Холандија предводена од амбасадорката Мариет Шурман, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески и претставници од Агенцијата за промоција на туризмот ќе бидат дел од свечениот дочек на холандските туристи со кои практично стартува годинешната летна туристичка сезона.

Туроператорот „ТУИ – Аркефлај“ заедно со „Корендон“ се агенциите кои веќе трета година ја нудат Македонија како дестинација на своите летни туристички понуди.

„ТУИ“ продава и определен број авиобилети и на редовната авионска линија Брисел – Охрид на авиокомпанијата „Џет-ер“, која во летниот период лета двапати седмично во вторник и недела, и тоа од 12 мај до 17 септември.

За ова лето двете агенции имаат зацртано реализација на вкупно 114 чартер-лета за Охрид, со превезени некаде околу 20 илјади туристи.

Минатата година во Македонија се одмарале вкупно 27.120 холандски туристи, што претставува 7,6 отсто од вкупниот број странски гости во земјата.

најчитано сега