Јанкулоска на средба на министри за правда и внатрешни работи во Будва

Борбата против тероризмот е предизвик пред кој е исправена целата светска јавност, поради што и во изминатиот период беа организирани значителен број самити, конференции и министерски средби кои имаа за цел заедничко организирање на безбедносните служби во справувањето со тероризмот, радикалниот ислам и џихадизмот, односно справувањето со таканаречените странски борци.

Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на четвртата неформална средба на министрите за правда и внатрешни работи и партнерите на Брдо процесот и Процесот за соработка во ЈИЕ, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Во рамки на втората сесија посветена на „Борбата против тероризмот-странски борци и спречување на радикализацијата и илегална трговија со оружје, муниција и експлозиви“ во своето излагање министерката Јанкулоска посочи и дека со цел навремен одговор на овој предизвик, а пред се и соодветно превенирање на истиот, Република Македонија презеде неколку важни мерки.

- Изменет е Кривичниот законик каде се додадени нови членови со кои се санкционира регрутација, обука, финансирање и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата, односно во странски паравојски и терористички организации, а донесен е и нов Закон за кривична постапка кој ја олесни примената на современите истражни техники преку кои поефикасно се откриваат и се гонат сторителите на овие и слични кривични дела, рече Јанкулоска.

Како што информираше таа во однос на недозволената трговија со оружје  по Министерскиот Форум на ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Будва во 2013 година и на кој беше донесена одлука за воспоставување Регионална мрежа на експерти вклучени во борбата против илегалната трговија со оружје, истата е при крај на нејзиното формирање.

- Имено, како иницијатор на оваа идеја, Република Македонија заедно со другите држави од регионот, но и со силна поддршка од страна на Мрежата на европски експерти за оружје – ЕФЕ, пристапи кон реализација на идејата за воспоставување на Експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во  Југоисточна Европа. Во таа насока целосно е усогласен Меморандумот за соработка за воспоставување на Експертската група во која членови ќе бидат претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија и Србија, рече Јанкулоска  на четвртата неформална средба на министрите за правда и внатрешни работи и партнерите на Брдо процесот и Процесот за соработка во ЈИЕ, што се одржува во Будва, Црна Гора.

 

 

Оцени ја веста

17.04.2015 - 12:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега