Нов циклус организиран скрининг за рано откривање рак на грлото на матката

Почнува нов циклус организиран скрининг за рано откривање на карцином на грлото на матката во рамки на кој жените на возраст од 24 до 35 години треба да се јават на бесплатен преглед со ПАП тест кај својот матичен гинеколог со цел рано откривање на малигно заболување кога можноста за спасување или продолжување на животот е голема., пренесе МИА.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, Јованка Костовска денеска на прес-конференција рече дека од 2012 година почнале организирани скрининг за рано откривање на карцином на грлото на матката со тригодишен интервал, при што биле опфатени жени на возраст од 24 до 35 години, во 2013 година со скринингот биле опфатени жени од 36 до 48 години, а во 2014 година жени на возраст од 49 до 60 години. 

Без оглед дали пред три години направиле бесплатен ПАП тест, посочи таа, годинава повторно има право оваа возрасна група да направат бесплатен пап тест кај својот матичен гинеколог.

- Според податоците од тие три години, околу 120.000 жени биле поканети да направат бесплатен пап тест, а од нив 64.000 го направиле овој преглед. Во овие три години имаме зголемување на бројот на поканети жени и зголемување на бројот на жени кои се јавуваат на преглед за пап тест. Ако 2012 година сме поканиле околу 37.000 жени, а се јавиле на преглед 17.000 жени, во 2014 година поканети биле околу 42.000 жени, а на преглед се јавиле 26.000. Значи постепено, меѓутоа свеста кај жените расте и се јавуваат на овие прегледи, рече Костовска.

Нагласи дека кај тестовите кои биле позитивни, голем број од нив се ХПВ вируси и други промени, меѓутоа се најдени и промени кај кои може веднаш да се реагира, да се помогне и да се спаси живот.

- Во 2014 година кај 125 жени на возраст од 49 - 60 години е откриен ЦИН 1 промена на грлото на матката, каде може да се интервенира да се спаси живот, кај 15 - ЦИН 2, кај 5 - ЦИН3, кај шест жени е откриен карцином во почетна фаза, а кај девет инвазивен карцином. Сите овие жени веднаш се испратени на дополнителни анализи и хирушки третман и кај сите нив или е спасен животот или е продолжен животот бидејќи навреме се откриени промени кои може хирушки да се третираат, потенцира Костовска.

Во врска со колоректалниот карцином или скрининг за карцином на дебело црево, таа истакна дека почнале со активности во октомври 2012 година и до декември 2014 година околу 18.500 лица направиле бесплатен преглед за карцином на дебело црево со т.н. ФОБ тест, кој се подигнува од кај матичниот лекар, се прави дома, по што се носи во центар за јавно здравје за анализа. Појасни дека тестот е препорачан за лица на возраст од 50 - 74 години и од сите анализи од октомври 2012 година, досега, 178 има позитивни наоди за полип и карцином.

- Уште еднаш апелираме жените да се јавуваат на бесплатен преглед со ПАП тест кај своите матични гинеколози, а лицата над 50 години кај матичниот лекар или во центарот за јавно здравје и да побараат бесплатен ФОБ тест за преглед на дебело црево. Без оглед дали се поканети тие може и сами да се обратат и да направат преглед, рече Костовска

Укажа дека во однос на навремено откривање карцином на дојка, од 7 април почнале со активности и од страна на болниците се повикуваат жени на возраст од 50 години, чиј број изнесува 14.000.

- Од 7 април досега околу 470 жени во Македонија направиле бесплатен мамографски преглед. Интересот е голем. Мамографските прегледи се прават во 17 здравствени установи каде има мамографи, а дополнително очекуваме набавка уште на пет мамографи за во останатите центри каде сега ги нема. Очекуваме до крајот на годината да се прегледаат овие жени на 50-годишна возраст кои се повикуваат на телефон, а понатаму да се продолжи со останатата возрасна група над 50 години до 60 години. Значи почнуваме и со организиран скрининг на карцином на дојка, истакна Костовска.

Малигните заболувања (по кардиоваскуларните заболувања) се втора причина за смртност во светски рамки, а тој тренд го има и во Македонија.

- Токму затоа со години наназад преземаме мерки согласно програмите за рано откривање на малигни заболувања, додаде Костовска.

 

 

Оцени ја веста

15.04.2015 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега