Безрезервна поддршка од Турција - одличната соработка ќе се унапредува

Конструктивна и продуктивна средба на која беа потврдени одличните односи меѓу Република Македонија и Турција и беше цврсто решено дека пријателските односи и одличната соработка мора да продолжат во иднина. Силна заложба одличните политички односи да бидат следени со унапредување и продлабочување на економските односи и трговската размена.

Вака македонскиот премиер Никола Груевски и неговиот колега Ахмет Давутоглу ја опишаа денешната работна средба, која се одржа во македонската влада.

Соговорниците по средбата одржаа заедничка прес конференција, каде посочија дека главната цел во понатамошната одлична соработка меѓу земјите е дополнително зголемување на трговската размена.

-Турција е долгогодишен пријател и голем поддржувач на Македонија во евроатлантските аспирации. Го почитуваме фактот што Турција дава силна поддршка и за македонските национални интереси. Турција е меѓу десетте земји со кои Македонија остварува најголема трговска размена. Ние ќе продолжиме во креирањето на одлични услови за водење на бизнис во земјава, ќе ја унапредуваме соработката и во туризмот, политиката и културата и во повисоки нивоа, истакна Груевски.

Македонскиот премиер посочи дека ќе продолжи за ја охрабрува и соработката меѓу бизнис заедниците. Постојат можности Турција да влезе во топ 5 економски партнери на Република Македонија, а премиерите ќе се заложат за соработка на бизнис заедниците.

-Целиме кон тоа да се зголемат инвестициските активности и најмногу да се зголеми трговската размена. Истата лани изнесуваше 470 милиони, во првите 10 месеци од годинава 375 милиони, а до крајот на годинава ќе биде 450 милиони. Ние очекуваме тој број наскоро да достигне и една милијарда, истакна Давутоглу.

Премиерот Груевски посочи дека лично тој во 1999 година како министер за трговија го покренал прашањето за слободна трговија меѓу Македонија и Турција.Тогаш размената беше 50 милиони долари, а напредокот сега е огромен.

-Одличната соработка меѓу Македонија и Турција на сите нивоа постојано се унапредува, а ние ќе правиме и дополнителни напори да ги привлечеме турските бизнисмени креирајќи поволна клима и одлични услови за бизнис во Македонија, истакна Груевски.

Турскиот премиер во своето излагање посочи дека Турција е првата земја која ја призна Македонија по осамостојувањето, а Груевски е првиот премиер со кој тој оствари средба по неговото назначување.

Тој искажа голема почит и благодарност за посетите на Груевски во Турција во пет области и вети дека на пролет планира и тој да посети повеќе области во Република Македонија.

 

 

Оцени ја веста

23.12.2014 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега