Трагично магливо утро - потресни сведоштва за верижниот судар кај Волково
Удрив во автомобилот што беше пред мене и тогаш налетаа други возила. Излегов од автомобилот и се обидов да побегнам, но беше толку лизгаво што паднав на патот. Низ маглата видов дека доаѓаат уште возила, а возачите не беа свесни за хаосот пред нив. Едвај станав и со трчање ја прерипав банкината. Среќен сум што останав жив.
Ова е приказната на жител на Тетово, еден од учесниците во стравотниот верижен судир што се случи вчера утро на обиколницата кај Волково.
Уништени и искршени возила, активирани воздушни перничиња, стакло од прозорци и ветробрански стакла и делови расфрлани и до стотина метри оддалеченост е глетката која ја затекнавме на автопатот кај обиколницата кај Волково. Дваесетина возачи и патници во автомобилите стоеја крај автопатот, сите со мобилни телефони во рацете информирајќи ги најблиските дека се живи и здрави.
- Не знам како се случи сообраќајкава. Не возев брзо, но маглата беше густа, па не се гледаше далеку. Само видов неколку автомобили пред мене и почнав да кочам. Лизгаво беше, воопшто немав контрола над возилото. Удрив во ѕидот, а потоа во едно црвено возило. Тогаш удрија во мене. Кој, не знам. Не знаев дали да излезам или да останам. Мислев дека нема да преживеам. Автомобили летаа крај мене и се забиваа како на филм, раскажува соговорник на ВЕЧЕР, жител на Скопје.
И останатите возачи се со слична приказна. Никој немал време да реагира поради маглата, а влажниот коловоз го сторил своето. Сите се чудат како минале само со гребаници и модринки.
- Јас сум меѓу последните што налетав, мој е синиот "пасат". Не знам кој ја предизвикал, чув дека некоја жена застанала на патот, автомобилот излизгал, а таа во паника притиснала на кочницата и застанала. Останатите само налетувале еден на друг, вели еден од возачите.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа