Ставрески потпиша договор со Јакимовски, 48 милиони денари за реконструкции во Карпош

Заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, денеска потпиша договор со  општина Карпош во рамки на Проектот за подобрување на општински услуги МСИП.

Имено, на општина Карпош и се доделија 48 милиони денари кои ќе бидат потрошени за реконструкција на две улици и обнова на атмосферска канализација на 7 улици ширум општината.

Ставрески посочи дека овие проекти биле издвоени како приоритетни за Карпош, од кои директна корист ќе имаат 3500 граѓани.

-Овие проекти ги поминаа најригорозните контроли на Светската банка пред да бидат одобрени средствата. Овие средства се доделуваат под исклучително поволни услови, со каматна стапка од 0,6 %, три години грејс период и рок на исплата до 13 години, истакна Ставрески.

Досега, потсети Ставрески, доделени се 26 милиони евра на 34 општини ширум Македонија, а во тек е доделување на уште 21 милион евра на неколку општини.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, истакна дека со овие средства ќе бидат санирани неколку улици и атмосферски канализации, што ќе им биде од голема помош на граѓаните.

-Со овие 800.000 евра,кои ги подигнуваме под одлични услови, ќе биде решен голем проблем. Иако изминатава година имавме врнежливо време, ниту еден дел од нашата општина не беше поплавен. И натаму ќе продолжиме да работиме на исполнување на сите услови, рече Јакимовски.

Дополнително, ќе се прават и нови тротоари и асфалтни слоеви на ниво на општина Карпош.

 

 

Оцени ја веста

09.12.2014 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега