Банките ќе го одврзат ќесето - кредитирањето ќе расте

Банките и во 2015 ќе мора да го одврзат ќесето и да го продолжат трендот на кредитирање на приватниот сектор. За добрите проекти истите нема да се штедат, а стопанството на располагање ќе има свежи пари, пишува Лидер.

Банкарите велат дека намалувањето на каматите на државните записи и обврзници е сигнал дека Владата има помала потреба да се задолжува на домашниот пазар и притисок врз банките вишокот пари да го вложат во кредити. Така и банките ќе се стекнат со повисоки приноси, и фирмите ќе добијат поволни кредити за финансирање на идните инвестиции.

Банките се добро капитализирани. Се бараат здрави компании со добри проекти во коишто ќе бидат пласирани средствата, и тоа по поволни услови, имајќи предвид дека каматните стапки се на историски најниско ниво.

Последните податоци покажуваат дека кредитирањето расте со стапка од речиси 10 %, а нивото на ризичните пласмани се стабилизира на околу 12 %. Процентот на нефункционалните кредити е понизок од сите земји во регионот, но се уште претставува ограничувачки фактор за позасилено кредитирање.

-Лани во јули кредитирањето на претпријатијата имаше раст од само 0,3% годишно. Од тогаш континуирано се зголемува. Во октомври беше 7,8%. Овој тренд ќе продолжи. Вкупниот кредитен раст наредната година би требало да биде околу 9%, а кредитирањето на претпријатијата да се зголеми за околу 8%“, изјави неодамна гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

Во текот на третиот квартал, НБРМ ја задржа основата каматна стапка на ниво од 3,25%, оценувајќи ја како соодветна на економските и финансиските услови во овој период и на проценетите ризици. Се очекува деловните банки умерено да ја зголемуваат поддршката на потрошувачките и на инвестициските одлуки на домашните субјекти. Кредитниот раст би изнесувал 8,7% за целата 2014-та година, 9% за 2015-та и 10% во 2016-та година.

Падот на каматите нема да е толку изразен следната година

Трендот на намалување на каматите на кредитите и на депозитите кој се случуваше оваа година, најверојатно нема да биде толку изразен и следната година. Во октомври просечната камата на кредитите во денари изнесувала 7,3%, а на депозитите во домашна валута 3,6 %.

Во последниот квартал, каматите се симнаа под 3%, најмногу за потрошувачките и станбените кредити, со што дополнително се раздвижи станбениот пазар. Од друга страна, на намалувањето на каматните стапки истовремено влијаеше и конкуренцијата помеѓу банките, велат банкарите. Сепак, состојбата на европскиот пазар прави банкарите да бидат повнимателни во нивните идни постапки.

-За десетте месеци годинава кредитирањето порасна за 7 проценти во однос на истиот период лани, што е во корелација со растот на БДП и економската активност. Поради празниците во првите месеци, овој тренд на опаѓање на камати нема да продолжи со оваа динамика, како во 2014-та, изјави генералниот директор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.

Анализите велат дека кредититрањето на населението е поголемо во однос на она на компаниите, но а фирмите со добри проекти и биланси нема ограничувања и кредитирањето на нивните активности ќе продолжи и в година.

 

 

Оцени ја веста

09.12.2014 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега