Повик за доделување субвенции за нови авиолинии од Македонија

Авиокомпании кои се заинтересирани со субвенции од македонската Влада да воспостават нови дестинации од аеродормите во Скопје и во Охрид може да достават барање и документација до 26-ти овој месец до Министерството за транспорт и врски. 

Според денеска објавениот повик за доставување барање за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници за наредните три години, заинтерсираните компании треба да имаат остварено профит од најмалку 25.000.000 евра, како и превезени најмалку 10 милиони патници во 2013 година.

Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека корисникот на субвенциите треба најдоцна до 1 јули следната година да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации помеѓу аеродромот „Александар Велики“-Скопје и континтентална Европа, Пиринејскиот Полуостров и Скандинавија, како и најмалку една нова дестинација помеѓу аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид и државите од континентална Европа и да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка.  Најдоцна до јули следната година ќе треба да воспостави или да одржи база од најмалку еден воздухоплов на аеродормот Александар Велики во период за кој се доделува финансиската поддршка.  

Новите дестинации треба да бидат опслужени најмалку два пати неделно во која било од ИАТА сезоните по однапред определен ред за летање, истите да не се опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони. Исто така, треба да биде изработен план за промоција и маркетинг.

Финансиската поддршка подразбира еднократен износ од 40.000 евра во денарска противвредност за секоја нова дестинација, 13 евра во денарска противвредност по патник во заминување во првата година, 12 евра во втората година и 11 евра  во третата година.

Според Министерството за транспорт, финансиската поддршка ќе се додели на барателот кој ќе понуди најголем број дестинации од и до аеродромите, а во случај повеќе да понудат ист број дестинации, финансиската поддршка ќе биде доделена согласно принципот на првенство при поднесување на барањето.

Рокот на валидноста на барањата е 30 дена од денот на јавно отворање кое ќе се одржи на 26 декември во 12 часот, што претставува и краен рок за поднесување на барањата, а документацијата за барање за учество во постапката може да се подигне секој работен ден од 10 до 15 часот кај Комисијата за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка. 

- Проектот за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија се имплементира заради побрз развој на цивилното воздухопловство и формирање поконкурентни и подостапни цени во воздушниот сообраќај што директно значи подостапни летови за граѓаните на Република Македонија на поголем број директни дестинации од Скопје, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски.

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега