Трагедија во Црна Гора: Бебе почина од инфекција добиена во болница

Едно бебе почина како последица од инфекција со бактерија којашто, како што постои сомнеж, ја добило во болница во црногорскиот град Бело Поле. 

Министерот за здравство на Црна Гора, Миодраг Радуновиќ на вонредната прес - конференција во неделата соопшти дека едно бебе е во животна опасност, додека здравјето на другите три инфицирани бебиња е стабилно. Радуновиќ потврди дека се смените началниците на одделите за Гинекологија и Неонатологија, како и главната медицинска сестра во Гинеколошкото одделение во болницата во Бело Поле.

Директорот на локалната болница Томислав Јеремиќ оцени дека е очигледно дека претходно не се работело како што треба и констатирани се пропусти во хигиената и режим на посета во породилиштето.

- „Одговорност имаат сите, вклучувајќи ме и мене. Имало пропусти. Ќе има одговорност и за началниците и за мене“, изјави Јеремиќ.

Таткото на починатото бебе изјавил дека лекарите не му ја соопштиле причината за смртта на бебето, тврди дека бебето починало од сепса и бара да се утврди вината.

Црногорското државно обвинителство отвори истрага за случајот со инфекциите кај бебињата. Оттаму соопштија дека врховниот државен обвинител Ивица Станковиќ контактирал со колегите во Бело Поле за да расветлат сите околности до крај.

 

17.11.2014 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега