Јован Деспотовски: Во новиот СДСМ нема да има простор за “другар уживај, завршено е”

Внатрепартиската битка за избор на претседател на СДСМ е исклучтелно значаен момент за демократските политички процеси во Македонија. Во пресрет на изборниот конгрес, Прес24 прави интервју со четирите кандидати.

Прашањата се идентични со цел читателите да направат споредба на одговорите на кандидатите.

Јован Деспотовски прв ја најави кандидатурата. Тоа е негово второ учество на ваков изборен конгрес. Во интервјуто за Прес24 вели дека на СДСМ во овој момент му треба лидер, не само претседател.

-Лидер кој ќе ја обедини партијата, ќе воведе нови демократски практики и ќе води со пример. Лидер кој ќе ги слуша и ќе работи во интерес на членовите, а не на одредени кругови и структури. Лидер кој ќе биде целосно присутен и посветен на партијата со сето свое време, ум и решителност. Да разјасниме, нам во моментов ни треба обединување не околу програма туку околу концепт – дали ќе одиме по ново или ќе останеме на старо, вели за Прес 24, Јован Деспотовски.

За него важно е во сдсм да се нарпави радикален дисконтинуитет.

-Односно расчистување со сите досегашни кадровски пракси и решенија и само ако докажеме дека влегуваме чисти во еден нов политички живот. Тука ќе упатам и една директна порака до нашите членови и поддржувачи кои на последните избори гласаа за други партии, дека вратата во СДСМ им е отворена, но и дека мора особено да ги почитуваме луѓето кои се со нас до крај и во овие тешки моменти, вели Деспотовски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Четири кандидати претендираат за претседател на СДСМ. Вие по втор пат сте кандидат. Искуството од првиот пат што Ви укажува?

ДЕСПОТОВСКИ: Искуството од првиот пат укажува дека транспарентен и фер процес е од клучно значење за довербата во партијата. Минатиот пат, недоволната транспарентност и процесите такви какви беа, резултираа со растечко незадоволство кај членството, што кулминираше на 8 мај и си ја плативме цената на изборите. Затоа, овој пат, мојот фокус е на обезбедување јасен и отворен процес кој ќе ја врати довербата и ќе ни овозможи да ги надминеме предизвиците што ги имаме. Програмата е иста во принципите и нејзиното јадро како и пред 3 години, надградена со многу идеи од членствoто и партиските другари. Клучот ќе лежи во фер и вистински демократски процес.Тоа ќе и овозможи ново раѓање на СДСМ или ново подлабоко дно.

ПРЕС24: Изборниот резултат е исклучително тежок предизвик за идниот претседател на партијата. Што во моментов му треба на СДСМ, Претседател или Лидер?

ДЕСПОТОВСКИ: На СДСМ во овој момент му треба лидер, не само претседател. Лидер кој ќе ја обедини партијата, ќе воведе нови демократски практики и ќе води со пример. Лидер кој ќе ги слуша и ќе работи во интерес на членовите, а не на одредени кругови и структури. Лидер кој ќе биде целосно присутен и посветен на партијата со сето свое време, ум и решителност. Да разјасниме, нам во моментов ни треба обединување не околу програма туку околу концепт – дали ќе одиме по ново или ќе останеме на старо.

ПРЕС24: Ако Вие победите на партиските избори, како мислите да направите обединување, со оглед на тоа дека веќе е јасно оти во трката за прв човек на СДСМ барем медиумите читаат две крила. Едното на Заев преку Филипче, а другото на актуелното раководство преку Петровска?

ДЕСПОТОВСКИ: Важно е да се разбере дека за да се обедини партијата, мора да се обединиме во радикален дисконтинуитет со претходните политики и правци. Јас не сум дел од ниту едно крило. Мојот “грб“ се членовите и јас ќе останам човек кој ќе работи во интерес на сите членови. Дел сум од движењето за нов СДСМ и нов почеток на партија која нема да потсетува во ништо на партијата која изминативе години изгуби допир со членството и имаше раководство кое на “Петко-Станко” и десетици други членови им ветуваше исти позиции. Во новиот СДСМ нема да има простор за “другар уживај, завршено е” или “зборено е со Јован” и ред други неприфатливи однесувања за раководство на државничка партија која е основниот стожер на македонската независнсот и демократија.

Мојата цел е да донесам нова енергија и свежи идеи, да ги обединам членовите околу заедничка визија за иднината. Единствениот начин напред е преку транспарентен и отворен дијалог со сите.

ПРЕС24: Се чини дека власта ќе има прилична комотност следниве неколку години, со оглед на тоа дека тоа веројатно ќе биде период во кој ќе стане појасно дали СДСМ ќе се обединува, или ќе се раслојува. Ќе има ли време и енергија покрај во дворот, да се биде активен и полето на политичката битка во Собранието, но и надвор од него?

ДЕСПОТОВСКИ: Време и енергија има секогаш кога се има голема желба и се работи се срце. СДСМ ќе води политичка битка како СДСМ на повеќе фронтови. Нашата цел ќе биде дефинирање јасни ставови за политиките на власта. Аргументите за тие ставови да ги направиме разбирливи и за сите членови и за целата јавност, а потоа ќе ги договориме заедно каналите преку кои тие политики и ставови ќе се пласираат - дали преку партиска или собраниска говорница, медиуми и директен контакт. Но, најважно е да имаме јасен став и аргументи за сите клучни и важни прашања, за разлика од сега.

ПРЕС24: Очекувате ли поддршка од пратеничката група на СДСМ ако станете претседател?

ДЕСПОТОВСКИ: Можеби ќе звучам наивен ако кажам дека очекувам поддршка од поголемиот дел од пратеничката група. Јасно ставив до знаење дека треба серозно да се размисли за одговорноста и кај носителите на пратеничките листите кои се денес дел од пратеничката група. И тука го зборувам тоа што огромното мнозинство на нашите членови го мислат. Секој оној којшто има искрена и добра намера кон СДСМ ќе треба сериозно да размисли каков придонес ќе даде во градењето на еден нов СДСМ преку личен чекор и пример.

ПРЕС24: Ако се анализираат причините за поразот, веројатно ги има многу. Но, сепак клучната е во поделбата на гласачкото тело. И тоа не е прв пат. Тоа е некаква карма што СДСМ ја прати веќе 30 години. Поразот во 1998 е резултат на Тупурковски, кој собра доста членови и симпатизери на СДСМ. 2006 беше Тито Петковски. 2024 е Максим Димитривески. Вие имате проблем со премногу демократско членство, или со непослушно членство?

ДЕСПОТОВСКИ: СДСМ е демократска партија и негува слободарски традиции и тоа нема никогаш да се промени. Не верувам во контрола на членството и на

 луѓето туку во слушање и во разговор. Причината зошто голем број наши членови решиле на овие избори да и дадат поддршка на друга партија повеќе ја гледам кај СДСМ отколку кај нив. Убеден сум дека со новиот СДСМ ќе понудиме и јасни принципи и вредности и ставови кои овие наши членови и поддржувачи ќе ги препознаат и повторно ќе застанат заедно со нас.

ПРЕС24: За следен успех на СДСМ, покрај лидер неопходен е и тим. Со кого ќе раководи Јован Деспотовски?

ДЕСПОТОВСКИ: Со тим кој ќе биде составен од луѓе со искуство, интегритет и со ускладена визија за иднината на СДСМ. Секој кој ја дели визијата во програмата Нов Почеток, Нов СДСМ ќе биде чуен, разбран и ќе добие шанса да ја покаже посветеноста кон партијата во пракса. Тимот ќе биде комбинација од искусни членови и млади кадри кои ќе донесат нова енергија и идеи. Од постарите волци ќе добиваме ум преку преку Советот на искусни која е наша постара идеја што ми е мило дека и останатите кандидати ја промовираат како своја деновиве. Свое место ќе добијат и младите прогресивни сили кои се иднината на СДСМ.

ПРЕС24: Кога зборуваме за тим, како стои СДСМ со млади кадри, но политички подготвени да бидат носители на процеси. Она што изминативе неколку години СДСМ го понуди како млади кадри, се покажа прилично лошо. Да не спомнуваме сега имиња со кои се поврзуваа серија корупциски скандали.

ДЕСПОТОВСКИ: Темата млади ми е особено важна бидејќи и јас мојот политички пат почнав на 18 години во социјалдемократската младина. Искуството што сме го стекнале преку учество на различни политички академии, тренинзи, преку соработка и следење на изборни активности кај сестрински партии ќе го интензивираме во мојот четиригодишен мандат.

Охрабрува тоа што на средбите кои ги имаме низ целата земја има се повеќе млади луѓе со искрена енергија. На младите луѓе ќе им пристапиме со искрена и чесна понуда, а тоа е да бидат составен дел од промените проектите што ќе се случуваат во општеството. СДСМ не е и не смее да биде биро за вработување ниту механизам преку кој некој ќе напредува во кариерата без заслуга. СДСМ треба да биде платформа преку која луѓето ќе учат и ќе се надградуваат и ќе го менуваат светот околу себе на подобро.

ПРЕС24: Дополнително што веројатно е важно како предизвик за иднината на партијата е базата за привлекување симпатизиери и членство. Овде пред се мислам за нови членови и симпатизиери. Кон која целна група СДСМ би била отворена. На пример има огромен процент на млади незаинтересирани, како да се дојде до бројка од над 250.000 нови гласачи за да може воопшто да се размислува за победа на следни избори?

ДЕСПОТОВСКИ: Огромен ќе биде предизвикот за мене како претседател на нов СДСМ. Предизвикот е луѓето да почнат повторно да не слушаат што зборуваме, а потоа повторно да ја изградиме довербата. Приоритет ќе дадеме на комуникацијата со сите оние кои во изминативе години не поддржуваа, а на крајот ги изгубивме. Потоа ќе работиме и со сите останати коишто не учествуваат на изборите редовно за да ги убедиме дека нивниот глас е важен во обликување на нашата заедничка иднина. И сето ова може да го направиме само со радикален дисконтинуитет односно расчистување со сите досегашни кадровски пракси и решенија и само ако докажеме дека влегуваме чисти во еден нов политички живот.

Тука ќе упатам и една директна порака до нашите членови и поддржувачи кои на последните избори гласаа за други партии, дека вратата во СДСМ им е отворена, но и дека мора особено да ги почитуваме луѓето кои се со нас до крај и во овие тешки моменти.

ПРЕС24: Прв предизвик, Вам, или на следниот претседател кој и да е, ќе биде за нецела година. Локалните избори. Ќе бидат ли тие првиот неуспех на новото лице на СДСМ?

ДЕСПОТОВСКИ: Не. Нашата цел ќе биде јасно поставена и реална. Само преку поставување на реални цели коишто може да ги оствариме ќе се движиме напред и ќе ја зголемуваме поддршката кај луѓето. Нашата реална цел за локалните избори ќе биде процент на зголемување на бројот на гласовите кој ќе го дефинираме заедно со новото раководство и членовите. Само така ќе го промениме трендот на опаѓање и наместо прашањето “дали“ ќе го свртиме во “кога“ повторно СДСМ ќе победи на следни избори. Верувам дека до 2028 СДСМ ќе биде целосно конкурентна со ВМРО на парламентарните избори. Тие се двете цели од кои ќе се водам како претседател.

Локалните избори ќе бидат првата можност да покажеме дека новиот СДСМ е роден и е подготвен за макотрпна работа која ќе донесе идни нови победи. Изборите ќе се шанса да демонстрираме дека новиот почеток е евидентен од месните комитети како основна клетка на партијата, се до раководството, и дека СДСМ ја враќа довербата на граѓаните. Со добро планирана стратегија и ангажман на сите нивоа, убеден сум дека можеме да постигнуваме се подобри резултати со секој следен политички натпревар и да имаме членство кое се гордее од врвот на партијата и лидерство кое се гордее со своето членство и сипматизери. Таков СДСМ сакам да видам. Нов СДСМ, силен СДСМ, како што ни доликува.

26.06.2024 - 12:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега