Започнува 33. Скопски џез фестивал

Со настап на  корејската џез пејачка Јун Сун На и шведскиот гитарист Улф Вакениус, како и „Греми“ наградената тапанарка и композиторка Тери Лин Керингтон од САД, во четврток ќе почне 33. Скопски џез фестивал, кој ќе трае до 19 октомври.

Директорот на фестивалот Оливер Белопета денеска на прес-конференција рече дека четирите фестивалски дена го носат она што е актуелно од светската џез сцена.

- Фестивалот ќе се одржи на четири локации. Започнува во четврток со дуото Јун Сун На од Кореа и Тери Лин од САД со два концерти во Универзалната сала, потоа следува концертот на саксофонистот Мачеј Обара со почеток на полноќ во Сити хол центарот. Вториот ден, кој е најексклузивен, започнува со „Fire! orchestra“ предводен од Матс Густавсон, потоа Ник Барч, а завршува во Сити хол центарот со белгиското трио Dans Dans, појасни Белопета.

Третата фестивалска вечер ќе започне со пијанистот Метју Шип и Елиане Елиас, а завршува со полноќниот концерт на „Red Snapper“ бендот кој се појавува во женските клубски ноќи во 90-тите, спојувајќи ги брејкбит, трип-хоп и драм-ен-бејс влијанијата со даб и џез стил кој по многу нешта е пионерски.

На последната фестивалска вечер в недела од 13 часот во Кино „Фросина“ ќе гостува „иконата“ на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг со вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак, а во Македонската опера и балет вечерта од 20 часот фестивалот ќе го затворат Вадада Лио Смит и њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedgе, кој во април оваа година во студио во Менхетен го снимија нивниот прв албум „The Nile" и австралискиот бенд „The Necks“.

Билетите се во продажба во Југотон рекордс, Универзална сала и www.mktickets.mk  Цената на билетите изнесува од 300 до 1.000 денари, додека пак комплет билет за сите вечери може да се набави по цена од 2.600 денари.

13.10.2014 - 15:17


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега