Средба Иванов-Дачиќ: Политичките односи на исклучително високо ниво

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска се сретна со првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата биле разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, регионалната соработка и евроинтеграциските процеси на двете земји.

Двајцата соговорници констатирале дека политичките односи се на исклучително високо ниво: - Поздравувајќи ја досегашната соработка на владино ниво и одржаната заедничка седница на двете влади, претседателот Иванов оцени дека ваквата соработка е посебно значајна за севкупните пријателски односи меѓу двете земји. Фокусот на соработката во наредниот период треба да биде на јакнење на економските врски, балансирање на трговската размена, промовирање заемни инвестиции, подобрување на комуникацијата меѓу бизнис заедниците и ангажман на двете држави во олеснување на ваквите приоритети, со проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, нагласи претседателот Иванов, се вели во соопштението од Кабинетот на македонскиот претседател.

Министерот Дачиќ истакнал дека Република Србија е подготвена за градење и унапредување на добрососедските односи, во функција на безбедност, стабилност и просперитет на регионот, за соработката во рамките на регионалните иницијативи, и на мултилатерален план.

- Република Србија и Република Македонија имаат заеднички интерес за соработка во бројни сфери и целосно се согласувам со она што треба да претставува централен фокус на нашата соработка за наредниот период, истакнал министерот Дачиќ.

 

15.09.2014 - 14:39


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега