Нови тензии на Манаки: Столе Попов и Лабина Митевска пак се „спукаа“

По синоќешната светска премиера на македонскиот игран филм „До балчак“ во режија на Столе Попов, денеска во фестивалскиот прес-центар на ИФФК „Браќа Манаки“ беше одржана прес-конференција, на која беа презентирани импресиите на режисерот, кинематограферот и на дел од актерската екипа.

По неколку неуспешни обиди за финансирање и снимање на овој филмски проект, сепак се исполни мојот сон да снимам филм за македонските комити. Задоволен сум затоа што го направив тоа што сакав да го направам, а задоволен сум и од приемот на филмот од страна на публиката, посочи режисерот Столе Попов.

- Отсекогаш имав желба да направам филм за македонските комити, но не како глорификациска, апологетска претстава, туку како едно мое видување и чувствување на појавата, како на луѓе од крв и месо, луѓе со емоции, луѓе соочени со еден тежок живот и со сите парадокси на животот, со сите добри и лоши страни, односно за луѓе кои го носеле тој период на обид за револуција но од аголот на обичниот мал човек, ослободен од било какви идеологии и без митологизирања, а  во суштината на сето тоа да биде нивниот порив и желба за исконсконското чувство, за поимањето на слободата, истакна Попов.

На новинарско прашање во врска со одлуката на Попов да го напушти свеченото отворање на фестивалот и неисплатените финансиски обврски кон битолските дуќанџии, тој рече:

- Јас влегов, доаѓајќи по црвениот тепих, но бев фрапантно изненаден дека јас како Столе Попов не наидов на едно пристојно „Добро вечер“ или „Добредојде“ што некој ќе ми го каже на една пригода како што е свечено отворање. Како поканет со свој филм за да го увелича овој фестивал, пристојно беше некој да ме пречека. Точно е дека влегов внатре и гледав на големиот екран во салата како камерите регистрираат една мала селска приредба, според мене малограѓанска до крај, одговараше Попов, но на отворената прес-конференција реагираше директорката на фестивалот Лабина Митевска, која побара од Попов достоинствено однесување и тек на прес конференцијата, за што Попов искажа јавно извинување.

Средбата со новинарите, но и филмски работници од државата и странство, како и со дел од оштетените дуќанџии, продолжи во тензична атмосфера која директорката Митевска се обиде да ја пренасочи и приведе кон крај.

- Како Фестивал се трудиме да ги угостиме и дочекаме сите наши гости на исто ниво. Среќни сме што вчера имавме премиера на добар филм, недоразбирањата ги оставаме во позадина. Дискусии за тоа дали треба црвен тепих или не, дали некому ќе се допадне или не, а ние тврдиме дека треба, затоа што сакаме да наликуваме на сите светски фестивали, и тоа го правиме по примерот на светските фестивали. Нашата цел е да ги промовираме авторите и нивните дела, нивната уметност и тоа како што досега сме го правеле, ќе го правиме и понатаму. Жалам што некој сето ова го искористи на друг начин и можеби за лични промоции, но мислам дека, сепак, најдобро е што имаме добри филмови и што публиката ќе ужива во нив. Јас не ги разбирам недоразбирањата и доколку ги има јас веднаш ги решавам, јас не ги разбирам недоразбирањата коишто јавно се искажуваат и тенденциозно, истакна Лабина Митевска, директор на ИФФК „Браќа Манаки

15.09.2014 - 13:56


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега