Милошоски: Нимиц ќе донесе нов предлог за името
Нов предлог од Нимиц за решение на спорот кој Грција го има со нашето име до крајот на годинава. Поранешниот шеф на македонската дипломатија во последната посета на медиаторот гледа подготовки за уште еден обид за доближување на ставовите меѓу Скопје и Атина
„Посетата на Нимиц и тука и во Атина има за цел да го опипа пулсот во двете земји во тие формални, неформални разговори со или без пишани текстови, Нимиц потоа да ги сублимира и во текот на есента, зимата оваа година, крајот на оваа година, октомври ноември или декември, пред следниот самит на ЕУ, Нимиц тогаш да излезе со одреден предлог кој што би бил дополнителен притисок а би бил поврзан со моментумот за можноста да се определи датум за преговори за Македонија со ЕУ. Но дали ќе успее не сум сигурен затоа што Нимиц секогаш кога доаѓа носи надеж а секогаш откако ќе си замине нам ни останува големо разочарување“ - вели екс министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Голем оптимизам нема ниту кај премиерот Груевски.
„Тешко е после вчерашниот раговор да се каже дали некаков пресврт би можело да има. Начелно не гледам некои сериозни сигнали од другата страна кои што упатуваат на тоа дека може да има пресврт. Од информациите што ги имаме тие се целосно фокусирани на својата внатрешна состојба и ова прашање го имаат ставено ад-акта, односно воопшто не сакаат да се занимаваат со ова прашање. Нимиц има тешка задача.Се надевам дека во некој блиска иднина ќе има повеќе успех“ - изјави денеска премиeрот Никола Груевски
Милошоски вели дека Грција се наоѓа пред тешки политички одлуки кои нема да пропушти да ги искористи за да избегне решение на спорот со Македонија. Екс министерот вели дека во периодот кој престои, Грција треба да го подготви следниот пакет економски мерки кои значително ќе ги намали трошоците од државниот буџет, доколку сака да ја добие следната транаша финансиска помош, а истовремено, владеaчката коалиција треба да најде и мнозинство за избор на новиот грчки претседател, кој согласно тамошните закони го избира парламентот. Милошоски вели дека за двете одлуки, на Самарас во грчкиот парламент му треба поддршката на 180 пратеници, а тој и Венизелос, заедно контролираат само 153.
Во врска со изјавата на Нимиц, дека за идентитетот не се преговара, Миошоски вели дека медиаторот на дело го покажува сето свео дипломатско знаење.
„Мислам дека господинот Нимиц понекогаш ги прилагодува ставовите кон околината за која е наменета пораката. Така го толкувам овој став, бидејќи досега под притисок на грчката страна, во неколку навати од 2005 година наваму, Грците инсистирале во некои негови предлози, формални или неформални, било кои комбинции поврзани со уставното име да се рефлектираат и на националноста и на јазикот, па дури и на интернет домеинот или производството на вино и трговската марка или што и да е. Односно, на поширокиот етно јазичен, културен и трговски идентитет на Македонија“ - вели Миопшоски
Сепак, Милошоски вели дека постои начин да се изнајде решение кое нема да задира во македонскиот идентитет, но имајќи го предвид однесувањето на Грција во годините наназад, простор за реален оптимизам се уште нема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа