Собранието по паузата ќе расправа за составот на Комисијата за лустрација
По паузата што ја даде претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, по барање на пратеникот Павле Трајанов, за да можат пратениците подетално да се запознаат со составот на Комисијата за верификација на факти, на денешната 11-та седница ќе се расправа и гласа по оваа точка на дневниот ред.
Собранието на Република Македонија денеска по скратена постапка ги усвои предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура и на законите за основно, средно и високото образование.
По скратена постапка на 11-та седница беа усвоени и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи под архивски број 07-2996/1 и Законот за внатрешни работи под архивски број 07-2997/1. Измените се однесуваат во насока на усогласување на интенцијата за продолжување на работниот век по барање на работниците.
На седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита, по скратена постапка.
Усвоени се и одлуките за изменување и дополнување на Одлуката за основање постојани работни тела на Собранието и на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на собраниските комисии.
Пратеничката од ВМРО - ДПМНЕ, Силвана Бонева како еден од предлагачите појасни дека измените и дополнувањата се потребни во рамки на надлежностите на постојаните работни тела во однос на меѓународната соработка во областите кои ги покриваат тие работни тела.
Дарко Ангелов, советник во Кабинетот на претседателот на Република Македонија, на собраниската седница е избран за член на Националниот совет за евроинтеграции.
По скратена постапка беше донесен и Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договор за заем за финансирање на проектот за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа