Муцунски: Ги сметаме САД за клучна нација во постигнувањето на мирот

За време на работната посета на САД и во рамки на 79-то Генерално Собрание на Обединетите Нации, Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заедно со американскиот дипломат Ричард Гренел, гостуваше во живо на американската Newsmax телевизија.

Фокусот на разговорот беше ставен на актуелниот геополитички контекст и македонската перспектива кон светските случувања. Во таа насока, министерот Муцунски ја потенцираше важноста за инвестирање на најмалку 2% од БДП во одбраната, принцип кој го почитува и нашата влада, бидејќи тоа не е проактивен метод, туку средства наменети за одбрана, што е клучен аспект во НАТО политиката.

Говорејќи за односите помеѓу нашата држава и САД, Муцунски во интервјуто истакна дека двете страни имаат одлични односи кои се базираат на стратешкото партнерство.

„Ние секогаш ќе бидеме на линија со надворешната политика на САД, бидејќи сметаме дека е вистинската надворешна политика што обезбедува мир во светот и за зачувување на светскиот поредок. Мораме да најдеме мир и ги сметаме САД за клучна нација во постигнувањето на мирот“, истакна Муцунски во разговорот.

Говорејќи за сложената геополитичка состојба во светот, министерот Муцунски нагласи дека неопходни се поголеми и поинтензивни дипломатски напори за да се обезбеди мир во светски рамки, во согласност со принципите на Меѓународното јавно право, а воедно да бидат гарантирани територијалниот интегритет и суверенитетот на сите нации.

„Среќен сум што не сите, но сè повеќе нации започнуваат да зборуваат за мир. Клучниот договор тука е да се најде дипломатско решение, не по секоја цена. Основно тврдам, доаѓајќи од регион кој треба да ги почитува принципите на меѓународното јавно право, дека ни е потребен мир, ни е потребно дипломатско решение, но такво решение што не дозволува на друга нација да ги уништи територијалната интегритет и суверенитет на друга нација.“, заклучи Муцунски во интервјуто.

27.09.2024 - 17:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега