Мраз ја парализираше Германија: Летовите пренасочени, училиштата затворени, регистрирани над 260 сообраќајки

 


Патиштата во јужна Германија беа покриени со мраз. Само во покраината Баден-Виртемберг на југозападот на земјата се регистрирани повеќе од 260 сообраќајни несреќи, во кои две лица загинаа, а неколку се повредени.

Поради мразот, летовите од аеродромот во Штутгарт мораа да се пренасочат, а училиштата беа затворени на некои места.

Има исклучително тенок слој мраз низ кој се гледа асфалтот, а возачите тешко го забележуваат, поради што го нарекуваат и „црн мраз“. Германската полиција предупредува на замрзнати патишта и ги советува возачите да возат бавно и предвидливо и да не запираат нагло.

Најмалку две лица загинаа утрово во Баварија. Еден човек загина откако неговиот автомобил се судри со камион на А92 во јужна Баварија, додека друга смртност беше пријавена на А3 во близина на Регенсбург.

Неколку делови од автопатиштата се затворени поради временските услови, пренесува Tagesschau. Според Дојче Бан, нема прекини во железничкиот сообраќај.

Наставата е откажана во некои училишта во Баварија, додека во Саксонија на пешаците, велосипедистите и возачите им се советува да бидат внимателни и доколку е можно да ги избегнуваат главните патишта.

Утринава ледените услови го парализираа авиосообраќајот на аеродромот во Штутгарт, каде што мораа да ја исчистат пистата. Имаше и големи доцнења. Причина се опасните временски услови кои веќе неколку дена доаѓаат од север и носат дожд и студ.

16.01.2025 - 09:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега