Милион евра за информација: Црногорското МВР нуди пари за расветлување на убиството на новинар во 2004

 

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора понуди парична награда од еден милион евра за информации кои веродостојно и одлучувачки ќе придонесат за расветлување на убиството на главниот уредник на весникот Дан, Душко Јовановиќ, извршено на 27 мај 2004 година во Подгорица,.

Душко Јовановиќ, основач, сопственик и главен и одговорен уредник на дневниот весник Дан, беше убиен таа ноќ пред редакцијата во Подгорица.

Истражување и извршители

Неговото убиство се смета за најтежок злостор врз новинар во современата историја на Црна Гора. Во текот на годините, државните органи спроведоа бројни процесни дејствија, но до денес само Дамир Мандиќ е правосилно осуден, и тоа за соучество.

Кој го организирал, наредил и извршил убиството – сè уште не е познато.

Обврска кон вистината

„По дваесет години, Црна Гора ѝ должи вистина на Душко Јовановиќ, на неговото семејство, редакцијата на весникот Дан, новинарската заедница и на сите граѓани“, наведува Министерството за внатрешни работи.

Тие додаваат дека решавањето на овој случај не е само обврска кон жртвата и професијата, туку и тест за зрелоста на институциите и нивната подготвеност да се раскине со наследството на неказнивост.

„Со јавно ветување за награда, Црна Гора јасно и одлучно порачува дека конечно, по дваесет години, сака да го расветли убиството на Душко Јовановиќ“, стои во соопштението.

„Во името на правдата, вистината и одговорноста, ова јавно ветување за награда е чекор во таа насока“, заклучува Министерството.

28.05.2025 - 10:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега