Мицкоски најавува економски бум: Инвестиции во здравство, патишта и пруги

 


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“ вели дека се преговара за инвестирање на 5 до 6 милијарди евра за капитални проекти во локални, регионални и експресни патишта, инвестициски бран во здравството за изградба на клинички центри и болници, како и пруги и ски центри. 

„Во периодот кој што следи убеден сум дека успешно ќе испреговараме и ќе заокружиме инвестициски план помеѓу 5 и 6 милијарда евра кои што ќе се случат во Македонија. И откако ова ќе го заокружиме позитивно сакам да седнам со Стопанските комори и отворено да поразговараме дали ние имаме капацитет да сето ова го реализираме. Јас сум убеден дека имаме, но ни треба добра организација“, нагласи премиерот Мицкоски.

„И сега ќе се обидам, нормално во интерес на преговорите и процесот да ги потенцирам вредностите и проектите, а многу скоро во следните не повеќе 2 месеца ќе биде сето ова во јавноста објавено и точно ќе се знае од каде и што. Но, целта моја лична и на Владата беше да се направи овој инвестициски бран, ќе се сложите ако нашиот БДП е условно кажано некои 16, 16, 5 милијарди проектиран номинален, ова претставува би рекол од 35 до 40 проценти од нашиот БДП. Помеѓу половина милијарда и една милијарда се средства кои што ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионални и експресни патишта. Дел од нив ќе бидат модернизирани односно реконструирани, дел ќе бидат изградени, затоа велам помеѓу половина милијарда и милијарда. Се преговараат условите итн. И тоа нема да биде нов долг, бидејќи ќе расте БДП, бидејќи во градежништвото парите три пати се вртат најмалку, и нема да биде нов долг, односно номинално ние може да го намалиме долгот“, додаде тој.

„Вториот проект е конечна изградба на Клиничкиот центар Штип, болницата во Кичево, проект од 90-тите. Кога излеговме на терен со луѓето констатираа дека подобро на друга локација да го изградиме, отколку на таа, бидејќи темелењето е различно, сѐ е веќе различно. Значи поскапо е да се прави таму, да се реконструира постојниот кој е оставен 25 години да скапува, отколку нов. Реконструкција на Клиничката болница Тетово, операционите сали и два други оддели и пруга условно кажано би рекол брза која што ќе биде дел од коридорот 10 во која што возовите патнички одлучивме поради цената, иако сакавме да биде над 200 километри на час, но одлучивме поради цената да се движат по 160 споредбено со сегашните 30, 40, а карго 110. И овој бран ќе биде 2,3 и 2,5 милијарди евра инвестиција.

Значи половина милијарда до милијарда локални, регионални и експресни патни правци, инвестиции во здравство Клинички центар во Штип, болница во Кичево и реконструкција на тетовска болница, брза пруга коридор 10 Табановце-Гевгелија. Ова е проект кој ќе натфрли помеѓу 3 до 3,5 милијарди евра“, посочи претседателот на Владата Мицкоски.

Премиерот Мицкоски истакна дека по основ на овие проекти ќе се зголеми БДП, а ќе се намали јавниот долг.

„По основ на овие проекти јавниот долг нема да оди нагоре, а БДП надоле. Напротив обратен процес ќе предизвика бидејќи ова се капитални инвестиции кои ќе ја покренат градежната оператива и три до четири пати ќе ги завртат парите. Тука по основ на овие проекти БДП ќе оди нагоре, а јавниот долг ќе оди надоле“, нагласи тој.

„Бевме во Обединетите Арапски Емирати. Имав состаноци на високо ниво, се сретнав со претседателот на Емиратите. Се сретнав и со врвната бизнис заедница и врвните компании кои што функционираат надвор од Емиратите. Сите тие во мај или во јуни, треба да прецизираме, доаѓаат тука. Проектите за кои што разговараме се проекти на постоечки локации веќе изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањето од УНЕСКО, не можат да го видат својот полн капацитет, мораме да го пазиме тоа, Попова Шапка ски центарот, локацијата кај касарната за лендмаркс објект кој што ќе биде не само лендмаркс само за Скопје, туку би рекол  регионот, Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти како што се нови соларни и ветерни централи се проекти за кои што веќе има follow up од нашата посета, и веќе се разменуваат со институциите од тука податоци. Очекувам од овој инвестициски бран помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“, дециден е Мицкоски.

24.04.2025 - 13:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега