Ловечката федерација ја бара исчезнатата Вања и на непристапни места

 

 

Исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, од вчера го бараат и ловџиите откако претседателот на Ловечката федерација Влатко Алексовски синоќа ги повика да се вклучат во потрагата. Алексовски вели дека не е првпат ловџиите да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места каде што полицијата засега не ја бара.

„МВР го бара исчезнатото девојче во градот, но еве веќе трет ден нема резултати таа потрага. Девојчето можело секаде да заврши, во периферијата на Скопје, на Водно, на Скопска Црна Гора па дури и многу подалеку. Ловџиите стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, по планини, по села. Ги повикав затоа што сметам дека можат да придонесат во потрагата. И претходно, како Ловечката федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, посебно кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето“, вели претседателот на Ловечката федерација Алексовски, за „Макфакс“.

Тој нагласи дека секојдневно на лов на места каде што полицијата не оди се излезени по 25.000 до 30.000 ловџии, а целата федерација, согласно издадените дозволи за оружје од МВР, брои 100.000 членови. Алексовски вели дека нивната бројка е многу поголема од бројот на полицајци во земјава па од тука надежите дека ќе помогнат се големи. Тој апелира скопските ловни друштва да го зголемат бројот на ловни денови за да можат ловџиите подолго да се на терен.

14-годишната Вања исчезна во понеделникот утрото. Излегла од дома за училиште. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“ од каде и се губи трагата. Освен полицијата по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих – Песталоци“ кои лепат нејзини фотографии низ градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.

29.11.2023 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега