Критично на неколку точки во Хрватска: Реката Драва се намалува, но населбите сѐ уште се загрозени
Состојбата со водотеците во Подравина во Хрватска, каде што реката Драва почна да опаѓа, денеска е слична на претходниот ден, критични населби се Дрње, Торчец и вештачкото езеро Шодерица, каде што се поплавени 15-ина куќи.
Позитивно е што во Ботово од час на час опаѓа водостојот на реката Драва, но целосното повлекување на водите во овој крај секако ќе потрае неколку дена, оцени утринава Томислав Новосел од Центарот за заштита од поплави на хрватските води, пренесуваат локалните медиуми.
Заменик-градоначалникот на општина Дрње, Петар Домбај, вели дека водостојот на Драва кај Ботово е 74 сантиметри и е помал во однос на понеделник попладне.
Во местото Торчец успешно беа заштитени куќите, кои исто така беа загрозени од потокот Глибоки. Сепак, Домбај предупредува дека ќе бидат потребни денови заводата целосно да се повлече во коритата, а штетите секако ќе бидат огромни.
„Страшно е да се види што направила водата, дури и околната почва е како сунѓер“, опиша Домбај во изјава за загрепската телевизија „Н1“.
Ситуацијата во Копривничко-крижевачката жупанија сѐ уште е критична, но под контрола, јави оваа телевизија. Штом нивото на водата падне под 560 см, состојбата е добра бидејќи водата повеќе не продира во езерото. Некои од викендичките се отсечени, луѓето имаат пристап само со чамци.
Звонко Гргец, раководител на Канцеларијата за цивилна заштита во Осиек, рече дека нивото на водата во моментот е на ниво на редовни мерки за одбрана од поплави.
„Се поставуваат и поправаат насипите во месноста Карашица, на истекот на Драва се поставени бариери високи еден метар. Подготовки беа направени и на подрачјето на градот Валпова, дел е небрането подрачје, се прават напори за заштита на викенд-населбата. Подготовките се во тек и во општина Подравска Мославина. Врвот на водниот бран го очекуваме од петок-сабота, подготвени сме за тоа, но никогаш не се знае“, рече Гргец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа