Кој ја има најдобрата коалиција на овие избори?

 

Коалиција СДСМ 

СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА. Ова се партиите кои заедно со СДСМ ќе бидат дел од „Коалицијата за европска иднина“.
Сите овие политички партии и досега без дел од власта. Пратенички места се очекува да добијат НСДП, ЛДП, ДОМ ако има добар резултат како и ВМРО-НП и Партијата на Турците

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ се уште ја нема официјализирано својата коалиција. Од поголемите политички партии во овој блок може да се издвојат само социјалистите. Тие ќе добијат две пратенички места. Едно место на добитна позиција ќе има за првиот човек на српската партија Иван Стоиљковиќ кој исто така е традиционален коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Во коалицијата пред избориве се приклучи Павле Трајанов со неговата Демократски сојуз но тој нема да добие пратеничко место. Во слична ситуација е и Стојанче Ангелов кој од СДСМ се префрли во таборот на ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна на коалицијата и се врати ТМРО на Шехтански а таму се смести и Петар Богојевски со Македонски концепт.

Коалиција Стевчо Јакимовски

Стевчо Јакимовски вчера потпиша своја коалиција. Му се приклучија Љупчо Ристовски од Интегра и Самка Ибраимовски од ПЦЕР. Реално немаат некои посериозни шанси за пратенички мандати.

Коалиција ДУИ

ДУИ иако најавуваше некој европски фронт, околу себе успеа да ги собере оние делови кои останаа по фрагментацијата на албанската опозиција. Го задржа Тачи во своите редови а потпиша договори за коалиција со партиите на Скендер Реџепи, Аријанит Хоџа и Курто Дудуш како и со една од турските партии со кои ВМРО-ДПМНЕ не успеа да направи договор. За очекување е во овој блок да се приклучи и Села со она што остана од Алијанса што веројатно ќе биде и најголемото засилување за Ахмети на овие избори, барем според предизборните математики.

Коалиција албанска опозиција

Албанската опозиција на овие избори ќе ја сочинуваат главно 3 политички партии. Алтернатива, БЕСА и движењето на Изет Меџити, а засилување добија и од поголемиот дел од Алијанса за Албанците која застана зад Таравари. Имаат генерално добро распоредени бази, имајќи предвид дека ги држат градоначалничките места во Тетово, Гостивар и Чаир што се места од каде албанските политички партии црпат голем дел од своите гласови.

Самостојни настапи

Од партиите кои самостојно ќе настапат на овие избори најмногу се очекува од ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица на Димитар Апасиев. Некои прогнози велат дека тие може да поделат меѓу 10 и 12 пратеници што може да ги направи важен фактор при формирањето на идната влада. На изборите учество најави и скопската градоначалничка Данела Арсовска чие име не се појавува во анкетите па веројатно изборите ќе бидат добра можност за неа да провери колку тежи на политичката сцена. За очекување е да се појават уште неколку листи на мали политички партии кои постојат во регистарот но тешко се пробиваат на политичката сцена.

28.03.2024 - 08:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега