Кои се седумте убиства кои се расветлени во последната акција против Беланоца/Барон
Последната мафијашка претрелка во скопското село Батинци во која загина 13-годишник е клучот за откривање на седумте убиства за кои министерот за внатрешни Панче Тошковски, и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција тврдат дека се расветлени во последната акција против нарко-кланот Беланоца/Барон. Иако засега никој јавно нема соопштено за кои точно убиства станува збор, Press24 од доброупатени полициски и обвинителски извори дознава кои ликвидации сега добиваат завршница.
Во акцијата опфатени се 18 лица.
Двојното убиство во Батинци
Клучно за тоа е ликвидацијата на 34-годишник во селото Батинци на 1 јули годинава, со оглед на тоа што, еден месец по убиството веќе беше поднесена кривична пријава против две лица, иако тие беа во бегство. Станува збор за 32-годишник С.Н. и 24-годишник М.Џ.
Двајцата осомничени ликвидатори со автоматско оружје пукаа кон возило „форд“ со странски регистарски ознаки. Во него биле две лица, 34-годишник и 31-годишник, од скопското село Црн Врв. 34-годишникот со иницијали А.Б.И. Им подлегна на повредите. Двајцата напаѓачи избегаа, иако полицијата по нив трагаше и со хеликоптер.
Еден месец подоцна, двајцата осомничени заработија кривична пријава, но полицијата сѐ уште трагаше по нив.
-Двајцата осомничени се во бегство и недостапни на органите на прогонот од моментот на сторување на делата. Со оглед на тоа, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничените која ќе започне да се применува од нивното пронаоѓање и лишување од слобода, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.
Ликвидацијата на Ибраим Исмаили - одмазда за убиството на Џељал Ајети - Џељо
Првото расветлено убиство датира уште од 2014 година. 46-годишниот Ибраим Исмаили беше убиен на 27 февруари во скопската населба Ченто. И во овој случај имало двајца напаѓачи. Со огнено оружје пукале во паркиран автомобил „мерцедес“ во кој седел Исмаили.
За него, уште по убиството се пишуваше дека имал врски со скопското подземје. Убиството, според наши информации, е одмазда за убиството на Џељал Ајети - Џељо, една година претходно.
По мирни околу шест години, во периодот од 2020 до 2024 извршени се ликвидации во шест наврати.
Инџиково - ликвидација пред очите на неговата сопруга
Две маскирани лица со оружје упаѓаат во куќа во скопско Инџиково на 13 август 2020 година. Пред очите на неговата сопруга го ликвидираат 49-годишниот Ибраим Ајдини, познат како Ибро. Откако пукале во Ајдини, двајцата напаѓачи бегаат од селото. Првично во јавноста кружеа информации дека станувало збор за неуспешен обид за грабеж. Мотивите за ова убиство сѐ уште не се до крај познати, но нашите извори велат дека станува збор за нарушени фамилијарни односи.
Двојното убиство во Топанско Поле
Африм Бериша и Бурим Вардари, лица на возраст од 24 и 28 години беа изрешени во автомобил во Топанско Поле на 5 март 2021 година. Додека се возеле во автомобил марка „цитроен“ на улицата 5, која се спојува со булеварот Македонска косовска бригада. Нивните безживотни тела беа пронајдени во автомобилот, а на лице место пронајдени беа чаури од пиштол и автоматско оружје.
Изрешетан Камер Идризи со 80 куршуми
Убиството на Камер Идризи на 12 мај 2021 година е едно од седумте расветлени. Идризи беше изрешетан во скопски Бутел. Тој се возел со неговиот внук во возило марка „голф“. И во овој случај станува збор за двајца маскирани напаѓачи. Тие пукале од друго возило, марка „ренџ ровер“. Испукале 80 куршуми. Идризи загина, а неговиот внук беше тешко повреден.
Идризи беше едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година. Како што тогаш беше објавено, напаѓачите биле вооружени со автоматско оружје и имале фантомки на главите, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите и пукал кон напаѓачите во самоодбрана. Нападнатата група беше од Грчец, скопско.
Двојното убиство во Шиша Бар
Групата се сомничи и за извршување на двојното убиство во Шиша Бар во старата скопска чаршија на двајцата наркобосови од „Дуќанџик“, Јетон Кривањева Жила и Енес Исеинов-Љаци на 06 март 2023 година. Четворица мажи, маскирани во црна облека и фантомки на 6 март пред кафулето дошле со автомобил „ауди а6“. Се претставиле како полицајци и на вториот кат од кафулето со помеѓу 40 и 60 куршуми пукале во главите и телата на двајцата наркобосови.
Ликвидацијата на Орхан Бајрами-Оки на Халкидики
Две маскирани лица со фантомки на 15 јули 2023 година со мотор пристигнале до вилата која ја користел Орхан Бајрами-Оки заедно со неговиот пријател Сеад Слезовиќ на Халкдики. Убиството било добро испланирано, а напаѓачите ја знаеле рутата на движење на двете жртви. Испукани биле десетина куршуми. Оки загина, а Слезовиќ заврши со тешки телесни повреди.
За убиството на Оки осомничен е Гани Туша за кој веќе медиумите пишуваа дека е дел од групата Беланоца/Барон. Скопското обвинителство ги има добиено сите докази кои ги прибра грчката полиција, а тамошните правосудни власти ја предадоа палката за Гани Туша да биде суден во Македонија.
Гани во притвор во Шутка е од август лани, кога беше уапсен. Неговото име се споменуваше и за убиството во „Шиша бар“, под Кале. Тој според македонските органи се сомничи дека учествувал во купопродажбата на автомобилот „Ауди“, со кое убијците дошле до “Шиша бар“, а потоа го запалиле. Медиумите објавија и дека е повратник од боиштата во странство, информација која никогаш не беше потврдена.
Даниел Василев
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа