Каснатиот пензионер од црната вдовица е во стабилна состојба

 

Стабилна е состојбата на 65 годишиот пациент од струмичко кој викендот бил каснат од отровен пајак “Црна вдовица”. Директорот на Токсикологија вели дека неговите параметри полека ги стабилизирале, но уште неколку дена ќе го задржат на лекување и под надзор на Клиниката бидејќи имал и други хронични заболувања, пренесува Сител.

– Пациентот се опоравува, но уште не се сите параметри задоволителни, затоа ќе го задржиме уште неколку дена за да бидеме сигурни дека пациентот ер добар, вели проф. д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.

Пајакот бил во тутунот и го каснал на десната страна на надлактицата додека ги преместувал низите од една на друга страна во работната просторија. Тој го турнал на земја и видел дека станува збор за мал црн инсект. На местото на каснувањето имал траги како два мали убоди од змија, но по десетина минути неговата состојба почнала да се влошува со силни болки во мускулите и главоболка, покачен притисок, забрзана работа на срцето. Прво бил третиран во струмичката болница и веднаш препратен на Клиниката за токсикологија.

Професорот Чибишев вели дека овој вид на пајак го има и кај нас и во регионот, а изминатите години на Клиниката регистрирале 10-тина случаи на каснувања.

– Не треба да има паника, но треба да има внимателност. Пајакот го има во Македонија, во Албанија, Србија и во други земји од регионот. Го нема во Финска каде времето е постудено. Затоа треба да бидеме внимателни и да избегнеме ризик по здравјето, вели професорот Чибишев.

08.07.2024 - 17:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега