Хаос на граничните премини меѓу Финска и Русија: Изби конфликт меѓу полицијата и барателите на азил

Финска затвори четири гранични премини со Русија во обид да го запре повеќедневниот прилив на баратели на азил за кој Хелсинки вели дека бил поттикнат од Москва. Финските граничари најавија во петокот дека од полноќ по локално време ќе подигнат бариери на граничните премини Ваалимаа, Нуијамаа, Иматра и Ниирала во југоисточна Финска, низ кои минува најголемиот дел од патувањата меѓу двете земји.

„Имавме поголеми бројки како во понеделникот 39 и во средата 75. Вчера беше прилично мирно, но денеска повторно повеќе од сто илегални имигранти дојдоа во југоисточниот округ на Финска“, изјави капетанот Јуси Ваиникка од финската гранична стража за Ројтерс во Нуијамаа.

Снимките од социјалните мрежи покажуваат како финската гранична полиција морала да употреби солзавец против поголема група мигранти кои се обиделе да преминат во Финска од Русија.

Финската влада ја обвини Русија дека ги насочува мигрантите кон премините како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми одбранбената соработка со САД, што Кремљ го негираше. Финска дели 1.340 километри граница со Русија, која е и надворешна граница на ЕУ.

Околу 300 баратели на азил, главно од Ирак, Јемен, Сомалија и Сирија, пристигнале во Финска оваа недела, според граничната стража. Кремљ соопшти дека Финска прави „голема грешка“ со затворањето на граничните премини и дека потегот на Хелсинки ги уништува билатералните односи.

Граничната агенција на Европската унија Фронтекс во петокот изјави за Ројтерс дека ќе испрати полицајци во Финска за да помогнат во заштитата на границата. Финската министерка за финансии Риика Пура од антиимиграциската Финска партија, во телевизиско интервју во четвртокот рече дека нејзината земја е подготвена да ги затвори сите премини на руската граница доколку е потребно.

18.11.2023 - 10:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега