ФЕИТ водечки партнер во регионален проект за зелена енергетска транзиција

Во Центарот за трансфер на техонологии и иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа почетната kick-off средба за имплементација на проектот GoToTWIN, со учество на претставници на седумт партнери и девет асоцијативни институции од повеќе држави од Јадранско - Јонскиот регион. На средбата се поставија основните насоки на проектот, се дефинираа  улогите и одговорностите на учесниците и се презентираше тригодишната временска рамка за реализација. Учесниците дискутираа зап ланираните активности и главните цели на GoToTWIN, со акцент на важноста од соработката и координираната комуникација при имплементацијата.

Продеканот за финансии и соработка со стопанство на ФЕИТ, проф. д-р Живко Коколански, ја истакна целта на проектот за зајакнување на иновативните капацитети во Јадранско - Јонскиот регион, даде осврт и за оправданоста и потребата од овој регионален проект.

„Проектот GoToTWIN е клучен чекор кон зајакнувањена иновативните капацитети и овозможување зелена енергетска транзиција на државите во Јадранско-Јонскиот регион. Со помош на технологијата на дигитален близнак, може поефикасно да управуваме со обновливите извори на енергија, значително зголемувајќи ја нивната ефикасност и поддржувајќи ја пошироката примена на зелената енергија. Овој проект ќе придонесе кон зголемување на енергетската независност на регионот, намалување на емисиите на штетни гасови и постепеното преминување кон зелена енергија“, истакна проф. д-р Коколански.

Тој ја нагласи и важноста која технологијата на дигитален близнак ја овозможува за унапредување на заштитата на животната средина. „Оваа технологија ја зголемува доверливоста на системите и овозможува следење на системите во реално време и напредна аналитика на податоците, како на пример предиктивно одржување. Оваа технологија ќе помогне во оптимално искористување на енергетските ресурси и обезбедување одржлив развој во регионот“, додаде Коколански, нагласувајќи ја потребата од интеграција на новите технологии за долгорочна енергетска стабилност и заштита на животната средина.

Проф. д-р Валентина Јанев од Институтот „ МихајлоПупин“ од Белград, Србија оцени дека овој проект создава добра можност за зајакнување на соработката и размена на знаење при менаџирање со обновливите извори на енергија.

„На покана од ФЕИТ, Институтот Михајло Пупин од Белград е вклучен во воспоставување на платформа за дигитален близнак и интеграција на обновливи извори за енергија, технологии кои демонстрираат одржлив развој на Јадранско-Јонскиот регион. Институтот повеќе децении е присутен во енергетскиот сектор на Србија и регионот. За Институтот, проектот GoToTWIN е уште една можност да се зајакне соработката меѓу клучните актери во регионот, да се создаде простор за размена на знаење и експертиза за управување со обновливите извори на енергија. Во проектот, цел на сите партнери е да покажеме дека преку домашни иновации може да се соочиме со предизвиците кои претстојат во електроенергетските системи“, рече проф. д-р Јанев.

Зуица Змејковска, Национален координатор за програмата IPA ADRION од Министерството за европски прашања на Северна Македонија, изрази задоволство што на првиот повик од оваа програма се појавува институција од земјава како водечки партнер во проект.

„Имав голема чест што бев дел од отворање на проектот предводен од ФЕИТ. Во првиот повик од IPA ADRION програмата, нашата земја е нова. Гордост е што имаме институција која што е водечки партнер. Тоа укажува дека нашите институции и организации го разбираат значењето на територијалната соработка и проектната соработка на Балканско ниво, меѓутоа и она пошироко Јадранско-Јонско ниво, како еден начин на унапредување на состојбите, идентификување на заеднички проблеми, пронаоѓање заеднички решенија. Се надевам дека ќе имаме поголем број проекти преку оваа програма, но и преку другите програми кои што стојат на располагање“, изјави Змејковска.

GoToTWIN е втор проект на ФЕИТ од програмата на Interreg IPA ADRION. Предвидено е да трае три години со вкупен буџет од 1,7 милиони евра. Проектот е ко-финансиран од  Европската Унија и почна со имплементација на 1 септември 2024 година.

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е водечки партнер во проектот.

21.09.2024 - 10:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега