Ѓорѓиевски: Арсовска нема никаква надлежност за да ме казни бидејќи ЈП „Дрисла“ не се наоѓа на територија на Град Скопје
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес конференција рече дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска нема надлежност да го казни за одложувањето на отпад пред „Дрисла“, бидејќи ѓубрето било истурено пред објект кој се наоѓа на територија на општината Студеничани, а не во Градот Скопје.
„Ниту си ги знае своите надлежности, ниту пак своите ингеренции и што е најстрашно, според мене, ниту пак знае која е територијата која ја администратира“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека за да го истурат сметот во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор, бидејќи според одлука која е донесена уште од 2005 г. сите општини се наведени дека може да одлагаат отпад со мерење на отпадот и врз основа на тоа да им се наплати, а одлуката да ги преземат работите во свои раце и да започнат со чистење на општините, ја правда со тоа што доколку градоначалниците не постапеле, градот ќе продолжел да тони во смет и здравјето на граѓаните би се довело во прашање.
„Знаете дека по неколкудневно нечистење на сметот и претворање на градот во една голема депонија, ние како општини со помош од наши колеги излеговме на терен да се справивме со проблемот кој го создаде Данела Арсовска, КХС и Градот Скопје, земајќи во предвид дека нашите сограѓани плаќаат за тоа“,вели Ѓеорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа