Французинка заврши во болница од шок: Лажен Бред Пит ја измамил за 700.000 фунти
Лицето кое претставувајќи се како Бред Пит измами Французинка за речиси 700.000 фунти, е пронајдено во Нигерија, јавуваат локалните медиуми.
Марван Уараб, основач на страницата Find My Scammer, и помогнал на жртвата Ана да го најде лицето одговорно за измамата од 697.000 фунти.
Ова се случува откако 53-годишната жена сподели со француските медиуми дека изгубила цело богатство мислејќи дека му помага на Бред Пит да заздрави од рак, притоа не знаејќи зад пораките не стои филмската ѕвезда туку измамник од Нигерија. Целата измама изгледала уверливо бидејќи биле користени фотографии од популарниот актер од болница, со пораки до жената кои делувале напишани во реално време, а биле генерирани со помош на вештачка интелигенција.
Уараб контактирал со лажниот Бред Пит користејќи информации што му ги дала Ана и успеал да влезе во телефонот на измамникот.
Откриена била адресата од каде што лажниот Бред Пит ги пишувал пораките, а сега мамел нови жртви претставувајќи се како Кијану Ривс.
„Тоа е мала група од три или четворица прилично млади луѓе кои предизвикуваат штета. Само на лажниот профил на Бред Пит изброивме 34 жртви“, рече тој, пренесе „Дејли Мејл“.
Контактирно е со нигериските власти.
Жената од Франција претходно изјави дека во времето на измамата минувала низ тежок период со својот сопруг милионер. Најпрвин ја контактирал некој кој тврдел дека е мајка на актерот пред да стапи во контакт со профилот за која верувала дека е самиот Бред Пит.
Ана мислела дека се зближила со актерот по неколку месеци разговор, пред работите да добијат романтичен тек, а потоа и биле побарани пари поради наводни здравствени компликации.
За измамата биле користени лажни социјални медиуми и профили на „Ватс ап“ , како и технологија за генерирање слики со вештачка интелигенција за да ѝ го испратат на жртвата она што изгледало како селфи и пораки од Пит.
Жртвата на крајот ја сфатила грешката кога видела дека актерот, всушност, не е во болница и дека бил фотографиран со нова девојка. Подоцна била хоспитализирана поради тешка депресија, но решила да проговори и да ја подигне свеста.
Откако зборуваше за своето искуство, жената е на удар на потсмев на Интернет, што доведе до повлекување на интервјуто.
„Приказната емитувана оваа недела резултираше со бран на малтретирање на сведокот“, напиша презентерот на TF1, Хари Розелмак, на својот „Икс“ профил во вторникот. „За заштита на жртвата, решивме да го повлечеме од нашите платформи“, додаде..
Интервјуто, во кое таа зборуваше отворено, па дури и споделуваше семејни фотографии со новинарите, стана вирално во понеделникот.
Тоа предизвика исмејувачки коментари и шеги, но некои онлајн критичари ја обвинија мрежата дека не успеала да заштити ранлива личност која можеби не била свесна за лошите страни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа