ФОТО: Османи се сретна со семејството Скаик кое успешно се евакуираше од Газа
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во својот кабинет го прими четиричленото семејство Скаик со македонски дипломатски напори кое пред неколку дена успешно беше евакуирано од појасот Газа преку граничниот премин Рафах кон Египет, а потоа и во Македонија.
Преминот на египетска страна на палестински бегалци, повредени и странци како и на лица од палестинските територии со двојно државјанство се одвиваше по однапред одобрени списоци на кои се најде и ова четиричлено семејство со македонско државјанство.
-Семејството Скаик, после подолго време безбедното евакуирани од Газа, а од денес на сигурно во земјава. Евакуацијата од Газа претставува посебен дипломатски и пред сѐ конзуларен предизвик, имајќи ја предвид сложената безбедносна состојба во тој регион. Посебно сакам да оддадам признание на дипломатите во нашите амбасади во Каиро и Тел Авив, кои беа во постојан контакт и со семејството и со властите во Египет и Израел, напиша Османи на својот Фејсбук профил покрај фотографиите од срдечната средба со ова семејство кое остана заглавено во военото подрачје на палестинска територија по почетокот на воените дејства на 7 октомври.
Османи изрази благодарност и до Меѓународната организација за МИГРАЦИИ (IOM) која помогна при нивниот трансфер во Скопје, како и Министерството за труд и социјална политика, односно Центарот за социјална работа во Скопје, за организација на сместувањето.
– Сите напори сега се фокусирани на извлекување на уште двајца наши државјани, брачен пар, чија евакуација ја очекувам наскоро, напиша Османи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа