Димитров во прва работна посета на Брисел од формирањето на новата Влада

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утре ќе престојува во работна посета на Брисел, што всушност е и прва посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Македонија по нејзиното формирање.

Како што соопшти СЕП, предвидени се средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На маргините на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што неделава се одржува во Брисел, вицепремиерот Димитров ќе оствари средба и со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.

-Работната посета на заменик претседателот на Владата Никола Димитров се случува во исклучително важен момент за „Северна“ Македонија, во светло на дефинирање на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означува и официјален почеток на пристапните преговори со Унијата, стои во соопштението на СЕП.

На средбите Димитров ќе ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3 програмата, имајќи го предвид утврдувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027 што е актуелно периодов. Во тој контекст ќе се зборува и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената Економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.09.2020 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега