ОН: Целосна блокада на Газа е забранета

 

Целосната блокада на Појасот Газа што вчера ја објави израелскиот министер за одбрана е „забранета“ со меѓународното хуманитарно право, потсети денеска високиот комесар на ОН за човекови права, а Меѓународната здравствена организација (СЗО) побара хуманитарен коридор.

„Воведувањето опсада што ги загрозува животите на цивилите со лишување од основни добра за опстанок е забрането со меѓународното хуманитарно право. Секое ограничување на движењето на луѓе и стоки за целите на опсадата мора да се оправда со воени потреби, во спротивно таквата опсада претставува колективна казна“, рече комесарот Волкер Туерк.

Тој е „длабоко шокиран и огорчен од наводите за масовни егзекуции на цивили, а во некои случаи и од тврдењата за ужасни масакри извршени од членови на палестински вооружени групи“. Тој ги повика тие групи „веднаш и безусловно да ги ослободат сите заробени цивили“.

„Земењето заложници е забрането со меѓународното право“, нагласи тој.

Според информациите со кои располагаат службите на ОН, „има цивилни жртви“ во израелското бомбардирање на Газа. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера најави „тотална блокада“ на Појасот Газа, на третиот ден од офанзивата што ја започна палестинското исламистичко движење Хамас против Израел.

Галант рече дека нема да има струја, вода или гас во Појасот Газа. Меѓународната здравствена организација (СЗО) побара отворање на хуманитарен коридор кон Појасот Газа.

„Хуманитарниот коридор е неопходен за испраќање на клучните медицински материјали потребни за населението“, рече портпаролот на СЗО на брифингот во Женева.

Околу 2,3 милиони луѓе живеат во лоши услови во Појасот Газа, површина од само 363 квадратни километри, што го прави еден од најгусто населените во светот и под израелска блокада од 2007 година, кога Хамас ја презеде власта во енклавата.

10.10.2023 - 13:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега