Бајач полнел „света вода“ во црево и лекувал верници: Свештеник предупредува на измама

 

Свештеникот од Брегалничката епархија Димитар Арсовски предупредува дека бајач ги лаже верниците дека водата од еден манастир во изградба во епархијата е од свет извор и дека водата е лековита.

„Почитувани верници, поради искушението кое ние се појави во врска со храмот во изградба во местото Кочански Дол должни сме да го објасниме следното: Храмот е почнат да се гради со благослов на надлежниот Митрополит Брегалнички господин Иларион по сите пропишани правила и норми и за негова доградба и конечен изглед се собираа доброволни допнации од сите благочестиви христијани кои сакаа и имаа желба да дадат свој скромен финансиски придонес. Она што сме должни како Црква и свештенство да реагираме е следното: По социјалните мрежи кружеше информација дека во кругот на манастирот постојат „свети води“ од кои народот добивал исцеленија од болести и неплодните жени добивале пород. Ова е крајно безобразна лажна вест и како таква ја демантираме. По сведоштво од присутни лица ни е посведочено дека таквата „света вода“ била полнета со црево и дека доаѓал бајач од Штип кој наводно помагал во лечењето. Ваквото однесување со луѓето кои од разни маки и потреби доаѓаат е нечовечно, безобразно, претставува чист криминал, манипулација и оцрнување на Црквата Христова“, предупреди свештеникот на Фејсбук.

Како црква недозволиво е таквото место да биде осквернето од бајачи, гатачи, надри и квази лекари и апелираме до верниот народ да биде внимателен во врска со ваквите појави, додава тој.

„Исто така, чувствуваме потреба да ги заштитиме благочестивите донатори и лицата кои од чиста љубов собираа донации, а кои поради ситуацијата се најдоа на мета. Се надеваме дека на ова искушение побрзо ќе му дојде крајот и во иднина дека нема да се соочуваме со вакви немили настани. Дај Боже храмот побрзо да го добие оној вистински лик што го заслужува и таму радосно и соборно да се служи Света Божествена Литургија“, објави свештеникот.

01.09.2025 - 21:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега