Албанија, Хрватска и Косово потпишаа трилатерален договор за соработка во одбраната

 

Министрите за одбрана на Албанија, Пиро Венгу, на Хрватска, Иван Анушиќ и на Косово Ејуп Маќедонци, денеска во Тирана, потпишаа трилатерален договор чија цел е „зајакнување на одбранбените капацитети на трите земји, зголемување на соработката во одбранбената индустрија и подобрување на воената соработка преку образование, обука и заеднички вежби“.

Заедничка оценка на министрите е дека „овој договор е поради геополитичките и безбедносните предизвици во Југоисточна Европа, како и поради надворешните влијанија во регионот“.

Министерот Венгу истакна дека сегашниот безбедносен контекст бара заедничка посветеност, нагласувајќи ја важноста од „развивање на воените капацитети во предизвикувачко опкружување“.

-Трите држави ќе бидат подготвени да се соочат со идните безбедносни предизвици во Југоисточна Европа, а постои можност овој трилатерален воен сојуз во иднина да се прошири со Бугарија, рече хрватскиот министер Анушиќ, објави АТА.

Министерот за одбрана на Косово, Маќедонци, оцени дека „овој документ отвора пат и за различни соработки, на различни полиња, за соочување со современите закани како што се хибридните“.

-Целта на оваа соработка не е закана за никого, туку е порака до сите оние кои ја загрозуваат безбедноста, мирот и стабилноста на Западен Балкан, меѓу нашите земји кои споделуваат заеднички вредности и интереси. Се собравме да се спротивставиме на секоја закана и опасност што има за цел да го дестабилизира регионот, изјави тој.

Според него договорот е заедничка определба, што не се случува често во регионот и која го отвора патот и на другите земји да се приклучат на оваа иницијатива за мир, стабилност и поголема безбедност.

Министрите посочија дека заложба на нивните земји е зајакнување стабилноста, безбедноста и мирот во регионот.

18.03.2025 - 14:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега