Жештина ја парализира Грција: Акропол неколку часа затворен поради високите температури
Грчките власти денеска ќе го затворат Акропол на неколку часа за да ги заштитат посетителите од топлотниот бран што ја зафати Грција и другите јужноевропски земји.
Ридот на кој се наоѓа Акропол ќе биде затворен од пладне до 17 часот по локално време, соопштија властите, пренесува Ројтерс.
Грчката метеоролошка служба објави дека температурите во Атина ќе достигнат до 41 Целзиусов степен, но температурата во близина на Акропол обично е повисока отколку во остатокот од главниот град.
Топлотниот бран „Кербер“ зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, со потенцијал да сруши рекордни температури во наредните денови.
Минатата година, повеќе од 61.000 луѓе умреле од летните топлотни бранови ширум Европа, според студијата неодамна објавена во списанието Nature Medicine.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа