Закерберг се закани дека ќе ги угаси Фејсбук и Инстаграм во Европа

„Мета“ може да ги затвори социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук во Европа доколку на компанијата не ѝ се дозволи да обработува податоци на европски корисници на своите сервери во САД, промена која моментално е под лупа на регулаторите.

Според сегашните договори, „Мета“ смее да ги процесира податоците на своите европски корисници во седиштето во САД, но правилата за пренос на податоци се под надзор на Европската унија и би можеле да се променат.

Медиумите што објавија дека „Мета“ навестува гасење на Инстаграм и Фејсбук во Европа потсетуваат дека штитот за приватност ЕУ-САД беше рамка што ја регулираше трансатлантската размена на лични податоци и им дозволуваше на американските компании полесно да ги добиваат личните податоци на субјектите на ЕУ во склад со правото на ЕУ за приватност. Меѓутоа, Европскиот суд на правдата го прогласи договорот за неважечки во јули 2020 година, но не го запре преносот на податоци додека се развива нова рамка.

Во текот на својот годишен извештај, извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, предупреди дека ако новата рамка што се развива повеќе не ѝ дозволува на компанијата да ги користи постоечките договори или слична алтернатива, таа „веројатно“ повеќе нема да може да ги обезбедува своите производи и услуги кон регионот.

„Мета“ нагласува дека нејзината способност да споделува податоци меѓу земјите и регионите е од клучно значење за услугите и насоченото рекламирање да бидат оперативни.

Ако компанијата не може да продолжи да пренесува податоци меѓу регионите, ќе мора да ги затвори Фејсбук и Инстаграм во Европа, објави „Еуроњус“.

08.02.2022 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега