Вучиќ не оди во Њујорк, Брнабиќ ќе ја претставува Србија на седницата на СБ на ОН за Косово

 

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ќе ја претставува Србија на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на Косово в понеделник на 23 октомври, јави дописникот на МИА од Белград.

Седницата на СБ на ОН требаше да се одржи на 18 октомври, но беше одложена за 23 октомври.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека имал краток разговор со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за ситуацијата на Косово, како и за претстојната седница на Советот за безбедност на ОН.

-Или премиерката на Србија, Ана Брнабиќ или јас, или министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ќе одиме на Советот за безбедност да видиме колку е тоа значајно и колку е важно во овој момент, рече Вучиќ.

Тој во гостувањето на ТВ Прва изјави дека идејата за затворање на седницата на Советот за безбедност на ОН била насочена против него, бидејќи не знаат што ќе каже на седницата на 23 октомври. Тој повтори дека говорот што го одржал на пленарната сесија на ОН го одржал за се што кажал да остане во историјата, а се што рекол е вистина.

Како што е најавено седницата може да биде затворена за јавноста, а тоа го побара и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, но мали се шансите тоа да се случи, пишува Политика.

Како причина за затворањето на седницата за јавноста, Гутереш изјави дека тензиите меѓу Белград и Приштина биле видливи на последната седница, на 27 април, и дека тие ја искористиле за „претставување наративи кои промовираат нестабилност во регионот“.

За да може седницата да биде затворена за јавноста, за ваквата одлука е потребна согласност од најмалку девет членки на Советот за безбедност на ОН, а тоа не е можно без компромис со Русија и Кина.

20.10.2023 - 17:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега