Времето поволно за резидба на виновата лоза
Минатата недела беше променливо облачно со сончеви периоди и повремени врнежи од дожд и снег на планините. Дуваше и умерен до засилен северен ветер што предизвика опаѓање на температурата. Овие временски услови се очекувани во зима за земјоделските култури и во овој период треба да се почне со резидба на виновата лоза, велат агрометеоролозите од УХМР.
Како што истакнуваат, секоја сорта винова лоза има специфични услови на одгледување.
-Доколку почвените услови дозволуваат, земјоделците може да почнат со резидба. Режењето на виновата лоза е многу значајна агротехничка мерка и претставува најважниот чекор во одгледувањето на лозјето. Со резидбата се отфрлаат сите суви, болни и стари органи од лозата. Се овозможува нивна регенерација и се продолжува векот на рентабилно одгледување на виновата лоза. Со редовна резидба, се овозможува одржување на саканиот облик на лозата. Доколку редовно не се врши, ќе дојде до промена во приносот и квалитетот на добиеното грозје. Ова е обемна операција и потребно е време да се заврши навреме, напоменуваат агрометеоролозите.
Додаваат и дека ако почвените услови дозволуваат, земјоделските производители може да почнат или да продолжат со активностите и грижата за посевите, како и со изведување на поледелските работи.
Според УХМР, следува период на стабилно и суво време со студени утра, на повеќе места со негативни утрински температури. Дневните ќе бидат во границите на просекот за овој период од годината. Минималната ќе се движи од -9 до 3 степени, а максималната од 2 до 11.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа