Во ТИРЗ доделени 75,5 милиони евра државна помош

 

Во периодот од 2017 до 2021 година, Дирекцијата за ТИРЗ има доделено државна помош во вкупен износ од 75,5 милиони евра, од кои 37,5 милиони евра се директно исплатените средства од Буџетот, а 38 милиони евра се за даночните и царинските ослободувања, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај од извршената ревизија на „Развој и работење на технолошките индустриски развојни зони“ објавен денеска.

– Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата во периодот од 2017 до 2022 година, констатиравме дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети на Владата и за истото не е донесена Стратегија за привлекување на странски инвестиции, како што предвидува Законот за Владата. Државната помош се доделува како шема за помош или индивидуална помош за која е потребно одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата, велат од ДЗР.

Во периодот од 2017 до 2021 година, додаваат од ДЗР, Дирекцијата има доделено државна помош во вкупен износ од 4.641.728 илјади денари (75,5 милиони евра), од кои директно исплатените средства од Буџетот изнесуваат 2.307.196 илјади денари (37,5 милиони евра), а даночните и царинските ослободувања се во износ од 2.334.532 илјади денари (38 милиони евра).

– Само во 2021 година, вкупниот износ на доделената државна помош изнесува 1.504.576 илјади денари (24,5 милиони евра), од кои директно исплатени средства од Буџетот се 731.842 илјади денари (11,9 милион евра), а доделените даночни и царински ослободувања изнесуваат 772.734 илјади денари (12,6 милиони евра), прецизираат од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека со Законот за контрола на државната помош, како и донесените уредби од страна на Владата не се утврдени поблиски и транспарентни критериуми за определување на висина на индивидуалната помош (број на странски инвестиции, број на вработени, извршени инвестициски вложувања и слични критериуми), при што државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, а со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.

– Инфраструктурните инвестиции во зоните се во надлежност на Дирекцијата, која согласно Законот за градење, има добиени одобренија за градење за целата зона како функционална целина. ТИРЗ и ИЗ се основани на земјиште во сопственост на државата со вкупна површина од 847 хектари, од кои 512 хектари се корисна површина (парцели за издавање на корисниците), а под долгорочен закуп се издадени 153 хектари или 30 отсто од вкупната корисна површина. Извршените инвестициски вложувања од страна на Дирекцијата во сите зони во земјава со состојба на 31.12.2021 година се проценети во вкупен износ од 6.152.930 илјади денари (околу 100 милиони евра), посочуваат од ДЗР.

Констатирано е, додаваат од таму, дека Дирекцијата од надлежното Министерство добива одобрение за употреба откако ќе биде изградена целата зона, поради што за изградените поединечни делови не може да се направи технички прием и да се добие одобрение за употреба.

– Оваа состојба предизвикала дел од реализираните инвестициски проекти во зоните, во периодот 2007 до 2021 година, во деловните книги на Дирекцијата, да имаат статус на материјални средства во подготовка иако истите се употребуваат. Нивната проценета вредност на крајот на 2021 година изнесува 2.677.763 илјади денари што претставува 43,5 отсто од вкупните извршени вложувања на Дирекцијата во зоните. Како резултат на не донесени стратешки и програмски документи , на површина од 153 хектари или на 30 отсто од вкупната корисна површина во периодот од 2012 до 2021 година од страна на Владата основани се зони кои не се ставени во функција и не се оперативни и во кои од страна на буџетот на Дирекцијата се вложени средства за основната внатрешна инфраструктура и експропријацијата на земјиштето во вкупен износ од 393.686 илјади денари или 6 отсто од вкупните инвестиции, констатира ДЗР.

Најголемите инвестициски вложувања во нефункционални зони, како што посочуваат од ДЗР, се извршени во Гевгелија, Делчево и Кратово.

– Врз основа на Одлука од Владата со ЈПП основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот за ЈПП со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот. Со договорот за ЈПП, јавниот партнер е обврзан да обезбеди стручна единица за управување со проектот во целото времетраење на договорот која истовремено има својство на претставник на јавниот партнер и контакт тело за приватниот партнер. Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица, при што тие немаат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП, ниту се членови во наведената стручна единица , чија задача е да врши надзор и да помага во обезбедувањето на успешна имплементација на проектот. Овие состојби влијаат на законитоста и регуларноста на склучувањето на договорот за ЈПП и следење на неговата реализација, се вели во извештајот од ДЗР.

Во 2015 година, врз основа на донесена Одлука за започнување на постапка за отуѓување на градежно земјиште од Владата, се посочува, склучен е договор за отуѓување на градежно земјиште на ТИРЗ Ранковце.

– Со договорот било предвидено градење на целокупната внатрешна инфраструктура во рамките на зоната , во рок не подолг од 92 (деведесет и два) месеци од солемнизацијата на договорот и реализација на минимум 2.000 нови вработувања. Поради не започнатата изградба во предвидениот рок, со Решение од март 2019 година Одобрението за градба во ТИРЗ Ранковце е прогласено за ништовно со што одредбите од договорот не се реализирани. Со ревизијата констатиравме дека кај купувачот/инвеститорот се направени поголем број на статусни измени, а меѓу другото променет е називот на фирмата. Во април 2021 година врз фирмата e отворена стечајна постапка и истата не располага со имот за наплата на договорните казни предвидени со договорот. Ова состојба укажува дека купувачот ги нема исполнето одредбите од договорот, поради што не се постигнати целите кои треба да придонесат за зголемување на инвестициите и вработувањата во тој регион од земјава, како и неизвесност и неможност на наплата на договорна казна предвидена во договорот за отуѓување на градежно земјиште, се истакнува во извештајот од ДЗР.

ТИРЗ Ранковце, се посочува, е единствен случај каде врз основа на промена на законската регулатива, е извршено отуѓување на земјиштето , додека кај останатите ТИРЗ во државата, земјиштето се дава под долгорочен закуп.

– Директорот на Дирекцијата нема назначени овластени лица од редот на вработените кои би вршеле надзор над ТИРЗ и над корисниците, како што е предвидено во Законот за ТИРЗ што може да влијае на ненавремена контрола, откривање и спречување во случај на незаконско работење на корисниците и го зголемува ризикот од работењето на корисниците особено во делот на вршењето на дејностите во зоните кои се забранети и кои можат да се проверат исклучиво со увид на лице место, велат од ДЗР.

Согласно регулативата, како што нагласуваат, основачот на зоната е должен да го загради, уреди и означи просторот на зоната и да обезбеди без надоместок простории потребни за работа на царинскиот орган.

– Констатиравме дека единствено во ТИРЗ Скопје 1, Царинската управа има воспоставен царински надзор со отворена Царинска испостава, а во останатите зони како и зоната основана со ЈПП во Тетово користат услуги од најблиската царинска испостава која вообичаено е лоцирана во најблискиот град, односно во самите зони не е воспоставен царински надзор. Со ревизијата се истакнува дека е зголемен ризикот од можни грешки и злоупотреби при царинскиот надзор, особено имајќи ја во предвид оддалеченоста на некои од царинските испостави од зоните, а притоа имајќи го во предвид фактот дека бројот на корисниците во 2022 година е зголемен , а со тоа и прометот на стоки кои влегуваат и излегуваат од зоните кои се ослободени од ДДВ при увоз на земјата како и царинските давачки, прецизираат од ДЗР.

Со ревизијата е констатирано дека Дирекцијата ангажира лица по договор за дело кој број низ годините се менувал.

– Во периодот на вршење на ревизијата, активни се 72 договори за дело, односно бројот на ангажирани лица по договор за дело е речиси еднаков со бројот на редовно вработените лица (85), а половина од договорите се склучени со лица кои подолго од 24 месеци биле ангажирани од Дирекцијата. Оваа состојба претставува ризик за континуираното и квалитетно извршување на работните задачи поради времениот карактер на нивното ангажирање. Истата е спроведена како пилот ревизија во рамките на Твининг проект со врховните ревизорски институции на Република Бугарија и Република Хрватска, финансиран со средства од ЕУ, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизијата го опфати периодот од 2015 до 2021 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија. 

27.10.2022 - 12:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега