Во Собранието и вечерва дебата за владината реконструкција

 

 Собранието вечерва по 19 часот продолжи со работа во рамки на 104. седница за реконструкцијата на Владата, за која се дебатира веќе четири дена. По расправа од час и половина во рамки на попладневното продолжение на седницата, потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисевски објави пауза и најави работа и по 19 часот.

На стартот на вечерашното продолжение на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална реакција го обвини Мисевски за  самоволие и злоупотреба на Собранискиот деловник.

Според Мицевски, Мисовски во отуство на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е на службено патување во Словенија, немал право усно да објави продолжување на работата на Собранието.

Мицевски праша по кој член од Деловникот Мисевски ја продолжил работата на законодавниот дом и посочи дека така можел да постапи само со писмен документ од  Џафери.

-Да имавте писмен документ од Џафери со факсимил и тоа е прифатливо. Не сте вие тие што можете после 18 часот да продолжите седница усно. Го кршите Деловникот по милијардити пат, рече Мицевски.

Неговата сопартијка Ели Панова побара Мисовски да ја прекине седницата, а одлуката на потпретседателот на Собранието ја критикуваше и Драган Ковачки.

Мисовски оцени дека тврдењата на Мицевски се неиздржани. Образложи дека постапил според член 71 став 2 од Деловникот според кој  „во случај на спреченост или отсустност на претседателот го менува потпретседателот“.

-Претседателот ја прекинува седницата на барање на координатор, кога бараш пауза го бараш претседателот или мене?, рече Мисовски,  посочувајќи му на Мицевски дека, како што рече, кога прд некој ден побарал порано да биде прекината седница поради обврска на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не го побарал претседателот на Собранието.

16.02.2023 - 19:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега