Владата не ја донесе одлуката за маржите - Маркетите велат ќе доведе до отпуштања
Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи откако Стопанската комора на трговци на големо и мало вчера побара итна средба во врска со одлуката за ограничување на маржите.
Предлог-одлуката подготвена од Министерството за економија, според најавите, требаше вчера да биде разгледана на итна седница. По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти, Владата во вторникот го задолжи Министерството за економија и труд да донесе одлука до 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Најавите дека ќе се донесе ваква одлука се темелеа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто. До вчера требаше да се изврши и контрола кај производители на млеко, месо, млечни и месни производи.
Маркетите велат дека ограничените маржи ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и најавуваат отпуштање на вработени.
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, основана на 10 февруари годинава вчера побара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Според нив, одлуката ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.
- Во целост ја оспоруваме одлуката за ограничување на маржите на 10 проценти. Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Ќе мора да донесуваме рестриктивни одлуки за отпуштање на нашите вработени, за реструктурирање на работењето и за затворање на маркетите. Затоа, бараме итно да се најде заедничко решение. Посочуваме да се земат предвид анализите кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите. Потенцираме дека никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Ако тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува, наведе Комората.
Од Комората укажаа дека во формирањето на цените досега не се мешала ниту една Влада.
- Имаме пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката, ако има зголемена понуда, цените сами се намалуваат, без да интервенира Владата, а за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството. Бараме да се најде разумно решение, да се создаде хармонија помеѓу сите чинители, со цел да функционира целиот систем и да работиме успешно сите, како вистински деловни партнери, посочија вчера од Комората.
Опозицијата смета дека мерките се задоцнети и предвремено најавени
Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера оцени дека смерките за ограничување на маржите се задоцнети и предвремено најавени, што, како што посочи, остава простор за трговците да се прилагодат. Ограничувањето на маржите како единствена мерка, според него, нема да даде ефект. Затоа предложи седум мерки.
Предлагаме намалување на ДДВ на струја од 18 на 5 проценти, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните прехранбени производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните прехранбени производи, итно имплементирање на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонеси, потенцира вчера Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа