Влада: 2022 година ја одбележаа - раст на плати и пензии, поддршка за најранливите, унапредени здравствени услуги

 
 
Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата на Република Северна Македонија, „Година на нови можности“ беше и панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата, новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.
Министерот за здравство, Беким Сали зборуваше за дигитализацијата и колку таа може да придонесе за унапредување на здравствениот систем, со посебен фокус и на реформите во примарната здравствена заштита, кои се меѓу врвните приоритети на Министерството за здравство изминатиот период, а воедно се инкорпорирани во Стратегијата на министерството за периодот 2021-2030 година.    

„Во завршна фаза на пуштање во употреба е мобилната апликација и порталот за пациенти „Мое здравје“. Преку порталот и мобилната апликација секој граѓанин ќе има можност за увид во своите податоци од националниот систем Мој термин. Пристапот ќе биде единствениот профил од порталот за Е-услуги. Меѓу позначајните инвестиции реализирани минатата година, сакам да го истакнам и зајакнувањето со нова апаратура за дијагностика, како што е набавката на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, за кои инсталацијата е во тек, обезбедени се во соработка со Светска банка, вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 13.6 милиони евра. Со поддршка на СЗО, почна и амбициозен процес за реформа на системот за примарна здравствена заштита, со цел да се модернизира и  да се внесе во дигиталната ера, да се интегрираат услугите со други области на здравствениот систем и да го преориентира пристапот да се фокусира на опслужување на заедниците и пациентите место на лекување на болести“, истакна министерот Сали.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на антикризните мерки наменети за најранливите категории на граѓани, новата методологија за раст на минималната плата и пензиите, како и за социјалните услуги и сервиси кои се во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Го донесовме Законот за минимална плата. Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, имаме двојно зголемување од 2016 година. Со новото усогласување во месец март, очекувањата се дека таа ќе биде повисока за околу 2.000 денари и ќе продолжи да расте. Во месец март очекуваме и ново зголемување на пензиите.  За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. Ja зголемивме висината на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници, а со усогласувањето на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот, корисниците на правата со исплата за месец јануари ќе добијат за 14.2 % повисоки права. Социјалните услуги ги спуштивме на локално ниво. Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги подржан од Светска банка, досега се доделени грантови за 34 проекти кои се спроведуваат во 41 општина. Обезбедивме и нивна одржливост со склучување на управни договори и финансирање од министерството. Отворени се центри за згрижување на жртви од семејно насилство во сите плански региони“. истакна министерката Тренчевска.

Масимилијано Паолучи, директорот на Светка банка во Република Северна Македонија, зборуваше за постигнатите резултати во проектите поддржани од Светска банка во социјалната, детска и здравствена заштита.

„Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, министерството започна 16 инфраструктурни проекти - детски градинки, кои се во напредна фаза на изградба или се завршени и кои обезбедуваат опфат на нови 2.000 деца. Детските градинки се економични и енергетски ефикасни, во согласност со најдобрите меѓународни практики и националните регулативи. КОВИД-19 не научи да бидеме подготвени и одговорот на земјата е добар колку е подготвен системот. Во време на криза важно беше да им се помогне на лицата да ја пребродат кризата, преку обезбедување на ресурси за надминување на кризата. Истовремено работевме на јакнење на капацитетите на здравствените институции, пришто беа опремени 678 кревети од единицата за интензивна нега за пациенти со КОВИД-19“, истакна Паолучи.

Постојана координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак, зборуваше за важност на инклузијата во општеството и развивање на деинституционализацијата како процес, како и воспоставувањето на Меѓународната класификација на функционалноста.

„Во изминатите неколку години заедно постигнавме навистина значителни резултати што заслужуваат да се прослават. Политиките насочени кон кризите треба да се системски, одржливи и визионерски за да се осигура дека и покрај предизвиците, нашиот пат ќе остане фокусиран на одржливиот развој. Во сферата на здравството, неопходно е да се проценат пречките до здравствените услуги во руралните и оддалечените места, а и во малите урбани населби за да се намалат нееднаквостите во здравството и да се придонесе за социјална кохезија, како и за отпорност и обнова на внатрешноста на земјата. Неопходно е да се работи и на менталното здравје на децата и адолесцентите, како и да се зголемат капацитетите и генералното знаење за имунизација. Зајакнувањето на процесот на дигитализација може значително да ги намали административните бариери и товар на здравствените работници, за да се зголемат услугите кон пациентите. Како и секогаш, семејството на Обединетите нации цврсто е подготвено да работи заедно со Владата и сите национални и меѓународни партнери за да придонесе кон зголемен квалитет на животот на луѓето што живеат во Северна Македонија“, истакна Дуџиак.

Советничката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за здравство, Ана Данева Маркова, зборуваше за механизмите на Владата за да го забрза пристапот до нови лекови и за мајчиното и здравјето на новороденчињата и здравствена заштита во Северна Македонија.

„Во последните неколку години Министерството за здравство направи голем напредок со цел да овозможи пристап до нови лекови за сите пациенти на кои им е потребна. За одредени видови болести како што се ретките болести, МЗ има развиено годишни програми каде врз основа на податоците за бројот на пациенти и потребите за лекување, буџетот се издвојува специјално за лекување. Многу е научено за предизвиците за подобрување на здравјето на мајките и новороденчињата во Северна Македонија со објавувањето на Мастер планот за пренатална нега за 2020-2030 година за подобрување на здравјето на мајката и новороденчето. Обезбедувањето подобро собирање и анализа на податоци ќе ја стави Северна Македонија во подобра позиција да ги открие празнините и тесните грла во обезбедената здравствена заштита и да ги реши за да го забрза националниот напредок во подобрувањето на здравјето на жените и децата“, потенцираше советничката Данева Маркова.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова се осврна на новата методологија со која пензиите ќе се усогласуваат два пати во годината, вклученоста на пензионерите со пензии до 14.000 денари во антикризните мерки, како и помошта од 3.000 денари, која измината 2022 година ја добија сите 330.000 пензионери.

„Сојузот на здруженија на пензионери продолжува да се залага за своите членови, но и сите пензионери. Носење на нова позитивна листа на лекови, функционирање на теренски лекар, подвижна аптека, покачување на границата до која пензионерите ќе бидат ослободени од партиципација за болничко лекување, се прашањата на кои заедно со релевантните институции ќе работиме во периодот кој доаѓа. Сојузот беше вклучен во носењето на новата методологија што е потврда дека Владата има слух за потребите на пензионерите“ , истакна Трајкова.

 
30.01.2023 - 17:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега