Вирус на птичји грип мутирал кај пациент од Луизијана
Анализа на примероци земени од првиот тежок случај на заболување од птичји грип во САД откри мутации кои не биле присутни во примероците од заразената домашна живина во сопственост на пациентот, објавија федералните Центри за контрола и превенција на заболувања (ЦДЦ).
Според соопштението пренесено од дел од американските медиуми, мутациите кај примерокот од пациентот биле откриени во генот хемаглутинин (HA) – дел од вирусот што игра клучна улога во неговото прикачување на клетките на домаќинот.
ЦДЦ потенцираше дека ризикот за населението како резултат на епидемијата не е променет и останува низок.
Првиот случај во САД на тешка форма од вирусната болест беше откриен минатата недела кај жител на Луизијана на возраст од над 65 години, кој имал сериозни симптоми на респираторно заболување.
Пациентот бил инфициран со генотипот Д1.1 на вирусот, кој неодамна беше откриен во САД кај диви и домашни птици, а не со генотипот Б3.13, кој беше идентификуван кај млечни крави, луѓе и домашна живина во неколку сојузни држави.
Мутациите откриени кај пациентот се ретки. Сепак, известувања за нив веќе пристигнаа од други земји, најчесто случаи на тешки инфекции. Една од мутациите исто така беше забележана во тежок случај во канадската провинција Британска Колумбија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа