(ВИДЕО) Спасовски: Давам длабока почит кон оние кои дадоа сѐ во народноослободителната војна

 
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ“, порача преку видео-порака министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
 
Во неа истакнува дека како еден од најзначајните датуми во македонската историја, 11 Октомври е паметник за вистинската одлука на македонскиот народ – да пристапи кон антифашистичката коалиција, да застане на страната на цивилизираното и прогресивно човештво, да крене востание како почеток на народното ослободително движење.
 
„11 Октомври е симболот на македонскиот непокор, на херојството и на слободарскиот дух на нашите предци од кумановските партизански одреди, односно Козјачкиот и Карадачкиот, како и од Прилепскиот партизански одред.
Во чекор со глобалното антифашистичко движење, со идеалите за слобода, рамноправност и сувереност, таа борба за самобитност и самостојност како Македонци нѐ доведе до сопственото ослободување.
И токму таа борба и денес го поттикнува нашето обединување, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Бидејќи и овој пат сме на вистинската страна.
Денеска, како чин на највисок патриотизам, ја градиме татковината врз демократските вредности, почитувајќи ги вредностите на сите заедници во земјата, на народите во регионот и во Европа, како најголема цивилизациска придобивка. Денеска Република Северна Македонија е бедем на безбедноста во регионот, затоа што успеавме да го одржиме аманетот на предците и останавме на прогресивниот пат“, изјави министерот Спасовски. 
 
„Во свое и во име на МВР, оддавам длабока почит кон борците за слобода, кон оние кои дадоа сѐ во народноослободителната војна, во борбата за самобитност и самостојност, за да можеме како Македонци да го дочекаме нашето ослободување. Нивниот аманет за мене е завет – за градење на современа, демократска и европска држава. Како Македонци станавме дел од НАТО, како Македонци ќе се приклучиме и кон европското семејство како наша одредница“, додаде министерот за внатрешни работи.

11.10.2023 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега