Радев: Преговорите со Северна Македонија завршија пред две години
Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, кој смета дека нема потреба од посредништво во дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
Со овие зборови тој одговори на прашање за изјавата на премиерот на Христијан Мицковски, дека е подготвен за преговори со бугарскиот претседател.
Радев посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но мора да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по договорот за добрососедство и соработка“, рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Според него, доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена во исто време.
„Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ“, додаде.
Радев истакна дека Бугарија може и треба да помогне во овој процес, за Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите и самоуверено да го тргне својот европски пат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа