(ВИДЕО) Портокалова магла се спушти над Ирак: Луѓето се задушуваат, нема струја, летовите откажани

 


Повеќе од илјада луѓе се пожалиле на респираторни проблеми откако песочна бура ги погоди централните и јужните делови на Ирак, соопштија здравствените власти.

Официјален претставник од покраината Мутана изјави дека се регистрирани најмалку 700 случаи на задушување, според АФП.

Неверојатни снимки кружат на социјалните мрежи на кои се гледаат области покриени со густа портокалова магла, додека локалните медиуми известуваат за прекини на електричната енергија и откажувања на летови во неколку региони.

Песочните бури се честа појава во Ирак, но некои експерти веруваат дека тие стануваат сè почести поради климатските промени. Пешаците и полицијата носеа маски за да се заштитат од прашината, а медицинските екипи беа на терен за да им помогнат на луѓето кои имаа тешкотии со дишењето.

Повеќе од 250 лица побарале медицинска помош во покраината Наџаф, а најмалку 322 пациенти, вклучувајќи деца, биле примени во болници во покраината Диванија, додека најмалку 500 други пријавиле проблеми со дишењето во покраините Ди Кар и Басра. Песочната бура ги покри јужните провинции на Ирак со портокалов облак што ја намали видливоста на помалку од еден километар, пишува Би-Би-Си.

Властите беа принудени да ги затворат аеродромите во провинциите Наџаф и Басра. Според податоците на ОН, Ирак е меѓу петте земји најранливи на климатските промени, со чести песочни бури, екстремна топлина и недостиг на вода.

15.04.2025 - 10:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега