(ВИДЕО) Ердоган дојде во Унгарија, Орбан му подари коњ

 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека сака да ги продлабочи односите со унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на неговата втора посета на Будимпешта во последните четири месеци.

Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои не го ратификуваа пристапувањето на Шведска во Северноатлантскиот сојуз.

Унгарскиот парламент допрва треба да гласа за барањето на Шведска, приклучувајќи ѝ се на Турција, која долго време го блокираше членството на земјата и го кочи процесот иако Ердоган го укина ветото во јуни.

На прес-конференцијата по средбата двајцата лидери не го коментираа ова прашање, но унгарската претседателка Каталин Новак, која се сретна и со Ердоган, потврди дека се разговарало за проширување на НАТО.

Повод за посетата на Ердоган беше стогодишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

„Сакаме уште посилни односи во одбраната и енергетиката, области во кои веќе плодно соработуваме“, рече Ердоган, додавајќи дека целта е да се зголеми трговијата со стоки од четири на шест милијарди долари.

Ердоган беше пречекан со воени почести на плоштадот на хероите во Будимпешта, од каде што се упати на средба со Новак и Орбан.

Орбан му подари на Ердоган коњ од унгарска раса, иако турскиот лидер падна од коњ во 2003 година.

„Подарок од една коњаничка нација на друга“, напиша Орбан на Фејсбук.

Од Ердоган на подарок доби електричен автомобил произведен во Турција, а фотографијата ја објавил на социјалната мрежа Х.

18.12.2023 - 21:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега