Важна средба за Уставниот суд - Костадиновски и Вал се согласија за нова фаза на соработка


Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер остварија работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал.

На средбата беше констатирано успешното спроведување на активностите на Судот поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и предвидени со Меморандумот за разбирање кој беше склучен во февруари 2024 година, како што е организирањето на Меѓународна конференција по повод 60 години постоење на Уставен суд и обуките кои претстојат, а се во насока на зајакнување на капацитетите на Судот. 

Претседателот Костадиновски го информираше амбасадорот Вал за неговите приоритети во мандатот со акцентирање на заложбата за воведување на уставна тужба како инструмент за унапредување на правата и слободите на граѓаните, обезбедување на двотретински закон за Уставен суд со којшто ќе се овозможи поголема независност и самостојност на Судот и зајакнување на транспарентноста.

Амбададорот Вал го информираше претседателот Костадиновски дека во претстојната развојна стратегија на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, фокус ќе биде ставен на Уставниот суд, а меѓудругото во топ приоритети ќе бидат заеднички констатираните заложби за воведување уставна тужба, зголемување на транспарентноста и јакнење на капацитетите на стручната служба. 

На средбата беше постигната согласност за продолжување на соработката за склучување на нов Меморандум за разбирање и формирање на тимови кои ќе ги прецизираат сегментите на натамошна соработка со цел унапредување на работењето на Уставниот суд и промоција на вредностите за коишто се залага Мисијата на ОБСЕ во Скопје. 

17.09.2024 - 10:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега