Утре слободен влез во Музејот на современа уметност
По повод Светскиот ден на културното наследство, утре влезот во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе биде бесплатен за сите посетители, информираат оттаму.
„Земајќи го предвид значењето и заштитата на културното наследство, овој ден, кој се одбележува секаде низ светот, меѓудругото ја степенува и важноста во подигнувањето на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи, ставајќи акцент на младите од средношколската возраст“, наведено е во соопштението од Музејот.
Во МСУ во тек е меѓународното 14. биенале на млади уметници „Будења“, каде може да се погледнат дела од 38 млади уметници. Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
„Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?“, наведено е во соопштението.
Музејот ќе работи во своите редовни термини од 10 до 17 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа